БИРН открива нови фирми во кои управители биле лицата од „Алфафарм“
Српската наркошверцерска мрежа од Крушевац пенетрирала во легалниот бизнис со канабис во Македонија многу подлабоко отколку што покажуваат досегашните објавени сознанија од истрагите, поврзани со нелегалниот транспорт на пет тони марихуана кон северниот сосед, открива Балканската истражувачка репортерска мрежа – БИРН.

Покрај веќе познатите фирми, истражувањето на БИРН идентификува и други компании за легално одгледување канабис со кои групата имала директна или индиректна врска, што дополнително го проширува нивното влијание во секторот.
Теренски информации на истражувачката мрежа и разговорите со лица што имале контакт со групата покажуваат дека не станува збор само за локални операции, односно дека мрежата гравитира околу луѓе со бизнис-интереси што се протегаат надвор од Балканот.
Последниот случај само ги потврдува слабата контрола и недостатоците на системот, за што БИРН повеќепати пишуваше, како бизнисот со марихуана е магнет за инвеститори, неретко со криминално минато, во потрага по брз профит.
Еуфоријата околу овој релативно нов и исклучително лукративен бизнис, надополнета со ограничените знаења за легалното одгледување и слабата државна контрола, резултираше со огромни количества неквалитетен цвет за фармацевтскиот пазар и податлив плен за играчите на црниот пазар.

Скопска компанија „Алфафарм“, која е во центарот на скандалот, има седум основачи, меѓутоа за овој текст интересни се двајца: Иван Драгниќ од Крушевац, Србија, и македонскиот државјанин Драган Крстев. БИРН открива дека овие двајца, во одреден период, одделно биле во управувачките структури и на други македонски компании за канабис, кои засега не се спомнуваат во официјалните соопштенија за истрагите.
Членот на шверцерска група Иван Драгниќ, кој според српското обвинителство е осомничен дека ја прифатил марихуаната на српска територија, до пред само три месеци бил директор на сосема друга компанија за одгледување медицински канабис, струмичката „Лајтинг лукс.“
Интересно е што оваа фирма ВМРО-ДПМНЕ, и како опозициска, и како владејачка партија, ја поврзуваше со луѓе од поранешниот политички врв на СДСМ.
Во мај 2024 година, струмичанката Славица Котева и нејзиниот бизнис-партнер, Холанѓанецот Теодорус Петрус Бернардус Воутерс, во „Лајтинг лукс“ го поставуваат Драгниќ за управител.
БИРН, во вторникот контактираше со Котева за да добие повеќе информации за тоа како Драгниќ станал управител, меѓутоа таа вознемирено го прекина разговорот ветувајќи дека подоцна во денот ќе одговори на нашите прашања. Тоа не се случи.
По речиси година и пол управување, во ноември 2025 година, содружниците Котева и Воутерс одлучуваат да го разрешат Драгниќ.
Ако малку се знае за неговата улога во Струмица, сега, сепак, нешто повеќе информации имаме за неговите паралелни активности во веќе инкриминираната фирма „Алфафарм“ лоцирана во скопски „Охис“ од каде што, според српското обвинителство, тргнал шверцот.
Според документите од Централниот регистар, во кои БИРН имаше увид, Драгниќ, извесен период, преку италијанска банка од Белград вбризгувал капитал во неговата компанија „Алфафарм.“ Во 2025 година, неколкупати префрлил по нешто помалку од 15 000 евра во основачкиот влог. Во истиот период, сите основачи на оваа компанија внесувале дополнителен капитал, кој на крајот се искачил до речиси 530 000 евра.
Сега сметката на „Алфафарм“ е блокирана по истрагите на српското и на македонското обвинителство.
Драгниќ е во притвор во Србија.
Целиот текст прочитајте го тука.
