Предметот се однесува на настан од 3 август 2020 година, кога осуденикот бил физички нападнат и тепан од припадник на затворската полиција пред кантината во затворот „Идризово“, при што се здобил со телесни повреди
Европскиот суд за човекови права (ЕСЧП) пресуди во корист на затвореникот Фитим Муслиу кој во август 2022 година ја тужеше земјава поради повреда на членот 3 од Европската конвенција за човекови права.

Во тужбата тој тврдеше дека бил изложен на нечовечко постапување од страна на затворски службеник, а дека домашните власти не спровеле ефективна истрага за случајот. Предметот се однесува на настан од 3 август 2020 година, кога осуденикот бил физички нападнат и тепан од припадник на затворската полиција пред кантината во затворот „Идризово“, при што се здобил со телесни повреди.
Од Македонското здружение на млади правници, чиј адвокат Диме Ѓорчевски го застапуваше предметот пред Судот во Стразбур, информираат дека во врска со настанот најпрво била поднесена пријава до Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК) против командир на затворската полиција во „Идризово“ за неколку кривични дела – мачење и друго сурово, нечовечко или понижувачко постапување и казнување, малтретирање во вршење на службата и расна и друга дискриминација.
„Кривичната пријава беше отфрлена, по што беше поднесена жалба до Вишото јавно обвинителство, кое го потврди решението на ОЈО ГОКК. Пред Судот во Стразбур, апликантот се жалеше на повреда на член 3 од Европската конвенција за човекови права тврдејќи дека бил изложен на нечовечко постапување од страна на затворски службеник и дека домашните власти не спровеле ефективна истрага за наводите“,
информираат од Македонското здружение на млади правници.
По неуспешен обид да се дојде до спогодбено решение, Владата до Судот во Стразбур поднела декларација со која признала дека имало повреда на правата на апликантот и понудила да му исплати отштета од 11 295 евра.
Иако апликантот укажал дека не е задоволен од декларацијата и дека не биле конкретизирани мерките за надминување на структурните проблеми поврзани со нечовечкото постапување и неефикасните истраги во затворите, Судот посочил дека повеќе не е оправдано да се продолжи со испитување на барањето, Сепак, ЕСЧП во оваа смисла посочил дека ваквата одлука не ја ослободува државата од обврската да спроведе истрага во согласност со барањата на Конвенцијата, имајќи го предвид признанието на повредата на правата на апликантот.
Македонското здружение на млади правници ја поздрави одлуката на Судот во Стразбур и посочи дека со неа се потврдуваат долгогодишните системски недостатоци во затворскиот систем, како и неефикасноста на внатрешните и надворешните механизми за пријавување и гонење случаи на тортура и нечовечко или понижувачко постапување кон осудените лица.
