Во рамки на официјалната посета, албанскиот претседател ќе има средба и со претседателот на Собранието, Африм Гаши, а по потпишувањето во книгата на впечатоци, тој ќе се обрати пред пратениците
Претседателката на државата Гордана Сиљановска-Давкова со највисоки државни и воени почести денеска ќе го пречека својот албански колега Бајрам Бегај, кој е во официјална посета на земјава.

Како што информираа од кабинетот на претседателката, по пречекот во резиденцијата на Водно ќе следи тет-а-тет средба меѓу двајцата шефови на држави, по што македонската и албанската делегација ќе имаат пленарен состанок.
Напладне е најавена и заедничка прес-конференција на претседателите Сиљановска-Давкова и Бегај.
„Во рамки на официјалната посета, претседателот на Република Албанија ќе положи венец на гробот на Гоце Делчев во црквата ‘Свети Спас’ во Скопје“,
информираат од кабинетот на претседателката Сиљановска-Давкова.
Во рамки на официјалната посета, албанскиот претседател ќе има средба и со претседателот на Собранието, Африм Гаши, а по потпишувањето во книгата на впечатоци, тој ќе се обрати пред пратениците.
Претседателот на Албанија посетата на земјава за започна вчера со посета на Општина Чаир, каде што беше пречекан од градоначалникот Изет Меџити.
Двајцата ја посетија Старата чаршија, а положија и цвеќе пред споменикот на Ѓерѓ Кастриот-Скендербег.
„Денес Чаир покажа институционално достоинство и традиција на гостопримство. Оваа посета ја потврдува нашата блискост со Албанија и посветеноста за продлабочување на соработката на сите нивоа“,
истакнал градоначалникот Изет Меџити, соопштија од Општина Чаир.

За утре е најавена посета на албанскиот претседател на Тетово, за што преку објава на Фејсбук информира градоначалникот на Општината, Билал Касами.
Поради посетата на Бајрам Бегај, утре и задутре во Скопје ќе има посебен сообраќаен режим.
„Поради посетата, Единицата за безбедност на патниот сообраќај при СВР Скопје ќе преземе мерки за посебен режим на сообраќајот по сообраќајниците на поширокото централно подрачје на градот Скопје“,
информираа од МВР упатувајќи апел до учесниците во сообраќајот да ги почитуваат наредбите на полициските службеници.
