Одговарајќи на пратеничко прашање од пратеникот Љупчо Пренџов од ВМРО-ДПМНЕ, дали постоел договор Артан Груби најпрво да биде пуштен да избега, а потоа и да се врати во земјава, премиерот вели дека тој во времето на претходната влада бил најнапаѓаниот политичар токму од страна поранешниот прв вицепремиер и оти нема логика да договара вакво нешто со луѓето кои сакаат да го видат неговиот „политички и човечки крај“
Нема логика да се договарам со луѓе кои сакаат да го видат мојот политички крај. Вака премиерот Христијан Мицкоски ги прокоментира обвинувањата што деновиве до него ги адресира опозицискиот СДСМ, а се однесуваат на враќањето на поранешниот вицепремиер Артан Груби по повеќе од една година бегство.

Одговарајќи на пратеничко прашање од пратеникот Љупчо Пренџов од ВМРО-ДПМНЕ, дали постоел договор Артан Груби најпрво да биде пуштен да избега, а потоа и да се врати во земјава, Мицкоски вели дека тој во времето на претходната влада бил најнапаѓаниот политичар токму од страна поранешниот прв вицепремиер.
„Се сеќавате колку пати во јавни изјави и настапи од страна на Артан Груби и сите оние што во тоа време беа дел од владата предводена од СДСМ ме напаѓаа мене лично со ниски страсти, со лаги и клевети. И сега, по некоја чудна логика јас излегувам како претседател на Владата и се договорам со овие што сакаат да го видат мојот политички крај, а некои од нив и човечки. Мислам дека тука нема никаква логика“,
рече Мицкоски.
Ниту една од тезите на СДСМ, додаде премиерот од собраниската говорница, е надвор од здравиот разум.
„Можам да заклучам дека Фројд работи кај нив – тоа што тие го мислат и го правеле мислат дека сите го правиме. Потсвеста е чудна и сега секој од нив се преиспитува што знае ова лице. И тоа ги ‘буши’. Да не се прошири делото од ‘Лотарија’, па да преминеме во Здравство или можеби нешто поврзано со канабисот. Вознемирени се и размислуваат, се грижат како може сето ова да заврши. Немирот си го прави своето. Сега велат ‘доаѓа крајот’“,
рече Мицкоски.
Додаде дека потсвеста на опозицијата ќе продолжи да ѝ прави немир во периодот што следува бидејќи, како што рече, допрва почнува агонијата за поединци.
Мицкоски рече дека ја разбира јавноста која изминативе денови е вознемирена и дека во лавината реакции ја обвинува и власта за наводен договор за враќање на Груби бидејќи, како што рече, во минатото ова лице заедно со своите коалициски партнери се однесувало недостоинствено кон граѓаните.
