„Вистина е дека Артан Груби не е ‘обичен’ поранешен функционер, туку човекот што ги знае сите влезови и излези на системот што ДУИ го градеше со години. Тој е живата подвижна архива на една партиска шема што со години се криеше од јавноста. Кога ‘црната кутија’ еднаш ќе падне во рацете на институциите, нема веќе простор за глума, ниту за митови. Почнува расплетот“, се вели во денешното соопштение од коалицијата
Случувањата по враќањето од бегство на поранешниот прв вицепремиер и министер Артан Груби продолжуваат да доминираат во препукувањата и обвинувањата меѓу политичките партии од власта и од опозицијата.
Од коалицијата ВЛЕН, која е дел од владејачкото мнозинство, во соопштението објавено утрово велат дека во Демократската унија за интеграција почнува внатрешна пресметка, во која од едната страна се лидерот на партијата, Али Ахмети, со група поранешни функционери, а од другата е Артан Груби, кому, како што велат од владејачката коалиција на партии на Албанците, неговите поранешни сопартијци му ги натовариле сите политички и коруптивни зделки на интегративците.

„Вистина е дека Артан Груби не е ‘обичен’ поранешен функционер, туку човекот што ги знае сите влезови и излези на системот што ДУИ го градеше со години. Тој е живата подвижна архива на една партиска шема што со години се криеше од јавноста. Кога ‘црната кутија’ еднаш ќе падне во рацете на институциите, нема веќе простор за глума, ниту за митови. Почнува расплетот“,
велат од ВЛЕН.
Оттаму, во таа смисла, наведуваат дека во ДУИ владее паничен страв бидејќи, како што велат, институциите почнуваат да „копаат“ по вистината што ДУИ со години ја закопувала.
„Заплетот влегува во фаза во која соопштенијата и пресовите на ДУИ веќе не вршат работа, туку фактите. Институциите почнуваат да копаат по вистината што ДУИ со години ја закопуваше, како се кроеше моќта зад грбот на граѓаните и каде исчезнуваа буџетските пари“,
се вели во соопштението.
Во таа насока, од ВЛЕН поставуваат и неколку прашања, а кои се однесуваат на нивните тези и тврдења за односите меѓу Артан Груби и раководството на ДУИ, по неговото враќање во земјава.
„Дали стравот од моментот кога сенката на Али Ахмети ќе почне да зборува и ќе почнат да излегуваат имиња, шеми и улоги, тера некого да користи мафијашки методи на заплашувања? Кој од ДУИ му се заканува на Артан Груби? Кој во ДУИ бара од Груби да го почитува мафијашкиот код ‘омертаʼ за молчење и несоработка со институциите?“,
прашуваат од ВЛЕН.
Сличен е наративот и на предводникот на владејачкото мнозинство ВМРО-ДПМНЕ, со таа разлика што, според нив, исплашен од она што може да го каже Груби е Социјалдемократскиот сојуз на Македонија (СДСМ).
„Венко Филипче и СДС се единствените кои се исплашени заради корупцијата и криминалот на структурите блиски до партијата. Филипче да не шири паника и страв и да не ја префрла вината кај граѓаните, тие треба да бидат спокојни, правда мора да има, а институциите на системот да профункционираат“,
велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Овој нивен став е реакција на тврдењата што вчера во телевизиско гостување ги изнесе лидерот на СДСМ, Венко Филипче, кој рече дека враќањето на Груби е политички договор меѓу ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ, а начинот на кој сето тоа беше изведено, го урнисало правниот систем во државата.
Лидерот на СДСМ додаде дека доколку постојат какви било информации или докази, тие треба да бидат изнесени јавно, но нагласи дека власта нема капацитет тоа да го спроведе со, како што рече, партизирано судство.
Од ДУИ, пак, вчера преку писмено соопштение упатија повик до судот, обвинителството и сите надлежни органи да не потпаѓаат под политички притисоци и да постапуваат исклучиво врз основа на закон и докази.
Инаку, реакции во јавноста и кај партиите уследија откако Обвинителството предложи, а Судот одобри куќен притвор за Артан Груби, кој во понеделникот по повеќе од една година бегство се појави во земјава.

Од Јавното обвинителство информираа дека за ваквата одлука биле исполнети специфични услови, односно дека Министерството за внатрешни работи и (МВР) и Агенцијата за национална безбедност (АНБ) процениле дека во затворот во Шутка не може да му се гарантира безбедноста на Груби.
Министерот за правда Игор Филков, кој е редовите на „Движењето ЗНАМ – За наша Македонија“, од друга страна, ги повика Судскиот совет и Советот на јавните обвинители да поведат постапка за утврдување евентуална одговорност кај обвинителот што предложи, и кај судијата на претходна постапка што прифати на Груби да му биде заменет ефективниот со куќен притвор.
Членови на двете тела во изјави за медиумите и реакции на социјалните мрежи, условно кажано, одговорија дека судија не може да изрече притвор доколку од страна на обвинител е предложена друга поблага мерка. Од Советот на јавни обвинители, пак, се повикаа на принципот на хиерархија во Јавното обвинителството, наведувајќи дека надлежни за разгледување на евентуални пропусти се вишите јавни обвинителства и републичкото Јавно обвинителство.
