Костадиновски во образложението рече дека Уставниот суд има изградено огромна судска пракса кога се повредува принципот на еднаквост, односно членот 9. Тој вели дека за да се повреди овој член неопходно е сите субјекти да се во иста правна и фактичка состојба и доколку со едните се постапува на поинаков начин тогаш е повреда

Уставниот суд одлучи да не поведе постапка за измените во Законот за пензиско и инвалидско осигурување, со што го потврди решението дека линеарното зголемување на пензиите се однесува само на корисниците кои живеат во државата.
Претседателот на Судот, Дарко Костадиновски, појасни дека иако сите пензионери се во иста правна состојба, тие не се во иста фактичка состојба.
Костадиновски во образложението рече дека Уставниот суд има изградено огромна судска пракса кога се повредува принципот на еднаквост, односно членот 9. Тој вели дека за да се повреди овој член неопходно е сите субјекти да се во иста правна и фактичка состојба и доколку со едните се постапува на поинаков начин тогаш е повреда.
„Но, во овој случај за тоа не може да стане збор. Правната состојба им е идентична, но фактичката не е“,
рече Костадиновски на денешната прес-конференција.
Вториот аргумент на кој се осврна е тоа дека оваа мерка е апсолутно социјална и има таква природа и цел. Според него, прашањето е која е легитимната цел на таа мерка.
„Тоа е истата со која се направи линеарното зголемување на пензиите, односно ублажување на последиците од зголемување на трошоците и инфлацијата. Јас имам издвоено мислење за линеарното покачување, тоа е социјална мерка и надградба на оваа мерка. По истекот на условите утврдени со оваа мерка, кои Законодавецот ги одреди, се враќа во сила законското усогласување на пензиите и во тој поглед стекнатите права важат и за тие што не живеат на територијата на Република Северна Македонија. Значи, ова е социјална мерка, надградба за справување со конкретна ситуација во определен временски период“,
додаде Костадиновски.
Судијата известител, проф. д-р Осман Кадриу, смета дека ваквата одлука е дискриминаторска и вели дека предложил да се поведе постапка за оспорените одредби, но не го добил мнозинството гласови од судиите. Тој додава дека одредбите се спротивни на уставните принципи за еднаквост, забрана на дискриминација и социјална правда, како и на Европската конвенција за човекови права.
Според него, државата не смее да прави разлика меѓу сопствените граѓани врз основа на местото на живеење кога станува збор за остварување на правото на пензија и нејзино зголемување.
„Законодавецот со овој закон врши дискриминација врз сопствените граѓани, независно дали пензионерите живеат во нашата држава или надвор од неа, тие треба да го остварат правото на пензија, вклучувајќи ги и сите зголемувања“,
смета Кадриу.
Тој вели дека на тие пензионери надвор од нашата држава им се нанесува штета и од тие причини застанал на став дека овде се печени условите да се поведе постапка, но не ја добил поддршката од мнозинството.
„А, знаете дека одлуката на Судот е само онаа која ја поддржува и гласа мнозинството”,
изјави судијата Кадриу.
