Тужбите се поднесени до Основниот суд Струмица, а со нив поранешниот премиер и лидер на СДСМ бара утврдување на одговорност и отштета од вкупно еден милион денари – по 500 000 денари од секој предмет. Надоместокот, како што информира експремиерот во објава на Фејсбук, ќе биде дониран за децата без родители и за лица со посебни потреби
Поранешниот премиер Зоран Заев поднесе тужба за клевета против пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Бране Петрушевски, и против Жан Митрев – кардиохирург и сопственик на истоимената приватна клиника во Скопје.

Тужбите се поднесени до Основниот суд Струмица, а со нив Заев бара утврдување на одговорност и отштета од вкупно еден милион денари – по 500 000 денари од секој предмет. Надоместокот, како што информира експремиерот во објава на Фејсбук, ќе биде дониран за децата без родители и за лица со посебни потреби.
„Поднесени се тужбите против Бране Петрушевски и Жан Митрев за клевета и нарушување на чест и углед. Не постои никаква дилема дека ќе се докаже лагата и на двајцата. Надоместокот од добиените тужби ќе оди за децата без родители и лицата со посебни потреби“,
пишува Заев во фејсбук-објавата.
Според наводите во тужбата поднесена против Бране Петрушевски, повод за судската постапка се изјавите на пратеникот од 7 февруари годинава во кои тој го обвинува Зоран Заев за поврзаност со запленетите 27 тони дрога во земјава, тврдејќи дека експремиерот е дел од струмички наркокартел, а оти лиценците за производство на канабис за медицински цели во времето на владата на СДСМ се доделувале по блискост со владејачката партија.
Повод за тужбата против кардиохирургот Жан Митрев, пак, се наводите кои докторот неодамна ги изнесе во интервју за телевизијата Алфа – дека поранешниот премиер Зоран Заев и ексминистерот за здравство Венко Филипче се обиделе да го принудат да им ги продаде неговите сопственички удели во клиниката.
Заев ги оцени изјавите на Петрушевски како измислици од најнизок вид чија цел, според него, е рушење на неговите чест и углед. Целосно ги отфрли и наводите на Жан Митрев дека некогаш барал пат до сопствеништво на приватната клиника или дека бил заинтересиран за такво нешто.
