Портпаролката на опозициската партија посочи дека политичкиот „дил“ помеѓу ВМРО-ДПМНЕ и Демократската унија за интеграција (ДУИ) за Груби веќе на сите им е јасен и оти е разоткриено секое делче од ова договорено сценарио
Сакајќи да се испере од скандалозната одлука за одредување куќен притвор на поранешниот прв вицепремиер и министер Артан Груби, Обвинителството се заплетка и директно го закопа премиерот Христијан Мицкоски. Се покажа „дилот“, си е договорено. Ова на денешната прес-конференција го рече портпаролката на опозицискиот Социјалдемократски сојуз (СДСМ), Богданка Кузеска, коментирајќи го вчерашното објаснување на Јавното обвинителство на Република Северна Македонија дека куќниот притвор бил предложен бидејќи Министерството за внатрешни работи (МВР) и Агенцијата за национална безбедност (АНБ) процениле дека во притворското одделение во затворот „Скопје“ не може да се гарантира безбедноста на Груби.

„Обвинителството вчера соопшти дека МВР на Тошковски и АНБ на Христовски дале проценка дека Груби не бил безбеден во Шутка, па затоа предложиле куќен притвор. Истиот ден излезе директорот на затворот во Шутка, Бобан Утковски, кој го демантираше Обвинителството и рече дека ниту МВР ниту АНБ не се обратиле ниту усно, ниту писмено до затворот за да побараат мислење за безбедноста. Е па, како донеле одлука во Обвинителството?“,
вели таа.
Според неа, нема подобра потврда на тврдењето дека сè е договорено и дека јавноста само се лаже и се замајува.
„Затоа Обвинителството и судството беа ставени под директна контрола на Мицкоски и ВМРО-ОКГ, нешто за што со месеци говориме. Кои обвинители постапуваа во предметот и кој го предложи куќниот притвор за Груби? Предметен обвинител е Даниел Коцев, а негов шеф на Скопското обвинителство е Анел Фидоски, кој на оваа функција е избран на 20 јануари годинава. Сè е јасно, сè е договорено, смислено сценарио“,
рече Кузеска.
Посочи и дека политичкиот договор меѓу ВМРО-ДПМНЕ и Демократската унија за интеграција (ДУИ) за Груби веќе на сите им е јасен и оти е разоткриено секое делче од ова договорено сценарио.
„Од режирана претстава на граница, со наочари и насмевка. Преку пречекот со камери, со медиумска поддршка на 40 отсто од медиумите под контрола на ВМРО преку Орбан, па сè до одредување куќен притвор од Обвинителството и судството под контрола на ВМРО-ОКГ. Можеби овие сценарија им поминаа порано, но сега се разоткриени и граѓаните знаат сè“,
кажа портпаролката на СДСМ.
Инаку, Јавното обвинителство на Република Северна Македонија вчера преку писмено соопштение одговори на реакциите што во јавноста ги предизвика одлуката на Артан Груби ефективниот да му биде заменет со куќен притвор, објаснувајќи ги причините за предлогот што дојде од надлежниот обвинител, а беше прифатен од Кривичниот суд.
Велат дека за таквата одлука биле исполнети специфичните услови, односно дека Министерството за внатрешни работи (МВР) и Агенцијата за национална безбедност (АНБ) процениле дека во притворското одделение не може да се гарантира безбедноста на Артан Груби, а деталите за ова биле презентирани и пред судијата на претходна постапка.
Наведувајќи дека надлежните јавни обвинители во предметот постапуваат одговорно и во согласност со закон, од Јавното обвинителство велат дека го разбираат интересот на јавноста за овој предмет, но апелираат за воздржаност во коментарите во однос на легитимно донесените јавнообвинителски одлуки за да се овозможи ефикасна и правична постапка.
