„Ниеден претставник од страна на МВР и АНБ се нема ниту писмено ниту усно обратено до мене или до институцијата со која јас раководам за да побара мислење за безбедноста во периметарот што ние го обезбедуваме. Така што, во тој контекст, јас тука би застанал. Нека се произнесат самите служби АНБ и МВР дали процената што ја дале кореспондира со реалноста“, вели директорот на затворот „Скопје“
Директорот на истражниот затвор „Скопје“, Бобан Утковски, вели дека ниту Министерството за внатрешни работи (МВР) ниту Агенцијата за национална безбедност (АНБ) дошле во затворот да направат проценка пред да донесат заклучок дека во притворското одделение не може да се гарантира безбедноста на ексвицепремиерот Артан Груби, кој вчера ѝ се предаде на полицијата.

Во изјава за Сител, Утковски вели дека во одделенијата во затворот во Шуто Оризари има постојано полициско присуство за да се избегнат незгоди, дека насекаде има камери, постои можност за пријава, доколку некој добива закани, како и за одвојување на ризичните категории притвореници и затвореници ако постои некаква опасност.
„Ниеден претставник од страна на МВР и АНБ се нема ниту писмено ниту усно обратено до мене или до институцијата со која јас раководам за да побара мислење за безбедноста во периметарот што ние го обезбедуваме. Така што, во тој контекст, јас тука би застанал. Нека се произнесат самите служби АНБ и МВР дали процената што ја дале кореспондира со реалноста“,
вели Утковски во изјава за Сител.
Реакцијата на директорот на истражниот затвор „Скопје“, кој инаку е кадар на владејачката ВМРО-ДПМНЕ, следува откако Обвинителството предложи, а Судот одобри куќен притвор за Артан Груби, кој вчера по повеќе од една година бегство се појави во земјава.
По лавината реакции во јавноста дека на бегалецот му е одреден куќен наместо ефективен притвор, Јавното обвинителство денеска информира дека за ваквата одлука биле исполнети специфични услови, односно дека МВР и АНБ процениле дека во затворот во Шутка не може да му се гарантира безбедноста на Артан Груби.
Во врска со случајот, денеска на прес-конференција реагираше министерот за правда Игор Филков кој рече дека не може безбедносни индиции да станат поважни од принципот на еднаквост пред законите.
„Ако обичен граѓанин може да остане во притвор за далеку помал износ и без претходно бегство, тогаш тие стандарди мора да важат за сите“,
изјави Филков и додаде дека одлуката за изрекување поблага мерка – куќен притвор наместо затворски, е тест за целиот систем бидејќи според него станува збор за лице кое 14 месеци било во бегство.
