„Целта на законот е заштита на населението со фокус на младите. Како држава сме на врвот во Европа по користењето нетрадиционални, таканаречени помалку штетни или модерни електронски цигари, поради што ќе бидат забранети сите вкусови што се благи и атрактивни за младите, а според направените анализи и според барањата, ќе дозволиме да се продаваат само електронски цигари со неутрален вкус и со вкус на тутун“, вели министерот за здравство
Министерот за здравство Азир Алиу, одговарајќи на новинарско прашање на денешната прес-конференција, изјави дека работната група прифатила некои од забелешките поврзани со предлог-законот за заштита од пушењето и тие најверојатно нема да бидат имплементирани.

„Знаете дека процесот на давање забелешки и сугестии во врска со тој закон е веќе завршен, работните групи имаа консултации со стручните лица и сите засегнати страни во државата. Исто така, јас и премиерот имавме неколку состаноци и со производители и со потрошувачи, но исто така и со ресторани и со кафулиња“,
кажа министерот.
Според него, имало забелешки што биле логични и што можат да бидат прифатени, но имало и такви кои работните групи ги отфрлиле.
Како што кажа ресорниот министер, прифатено е одложувањето на примената на законот за пушење на отворени тераси од три страни, додека во однос на електронските цигари, тие ќе бидат забранети за користење во затворени простори. Исто така, забранети за продажба ќе бидат сите електронски цигари со вкусови што се атрактивни за младите бидејќи, како што кажа Алиу, една од важните страни на законот е неговата едукативна компонента.
„Прифатено беше барањето за одложувањето на примената на законот за тераси – отворени тераси од три страни, кои, за жал, сега се затворени. Им треба време за да може инфраструктурно да се приспособат на законот“,
појасни министерот.
Продажбата на електронски цигари со вкус, како што наведе тој, било едно од барањата што биле половично прифатени.
„Барањето кое половично е прифатено беше продажбата на електронските цигари со вкус. Има вкусови што се директно наменети за младата популација. Целта на законот е заштита на населението со фокус на младите. Како држава сме на врвот во Европа по користење нетрадиционални, таканаречени помалку штетни или модерни електронски цигари, поради што ќе бидат забранети сите вкусови што се благи и атрактивни за младите, а според направените анализи и според барањата, ќе дозволиме да се продаваат само електронски цигари со неутрален вкус и со вкус на тутун“,
кажа министерот за здравство.
Барањето што не се прифатило било електронските цигари да продолжат да се консумираат во затворени простории.
„Тоа не беше прифатено. Цениме дека тие се исто така штетни колку што се традиционалните цигари и нема да биде прифатено да се користат во затворени простории“,
наведе Алиу.
Текстот на предлог-законот за заштита на населението од пушење кон средината на јануари беше поставен на Електронскиот национален регистар за прописи, каде што експертите, граѓаните, угостителите и сите засегнати страни може да даваат забелешки и предлози во врска со законот, пред тој да биде ставен во собраниска процедура.
Според текстот на предлог-законот, кој од викендот е објавен на ЕНЕР, освен целосна забрана за пушење во јавни и работни простории, предвидува и забрана за рекламирање, промоција и спонзорирање од страна на тутунската индустрија, регулирање на продажбата, прикажувањето и изложувањето на тутунските и никотинските производи.
Доколку биде усвоен, законот изречно ќе забрани пушење пред објекти на здравствени установи, установи за социјална заштита, воспитно-образовни, културни и рекреативни установи, организации за физичка култура и спорт, како и пред и во објекти за престој и сместување на деца, ученици и студенти.

Консумирањето цигари и други тутунски и никотински производи ќе биде забрането во и пред објекти каде што се приредуваат забавни и рекреативни дејности за деца (како игротеки за деца и приватни установи за грижа на деца, а нема да се пуши ниту во објекти на државните и органите на единиците на локалната самоуправа, односно во општините.
Пушењето ќе се забрани и во објекти и возила што претставуваат работни места, како и во сите видови јавен превоз – патен, железнички, воздушен и воден превоз, жичари и ски-лифтови, како и на аеродроми, автобуски станици, езерски пристаништа и на станици на градски и приградски јавен превоз.
Предлог-законот предвидува и забрана за пушење и во приватно возило во присуство на дете, а тоа нема да биде дозволено и во заеднички простории на станбени згради, како светларници, лифтови и заеднички котларници.
Според предлог-законот, пушењето ќе биде забрането и во објекти на полициски станици, казнено-поправни и воспитно-поправни установи, како и во објекти на приредувачи на игри на среќа.
