„Сите заедно ќе се соочат со правдата и ќе одговараат. Затоа е и паниката и нервозата во редовите на СДС, стравот од одговорност длабоко им влегол во коски. Судскиот процес за Груби, ексвицепремиерот и министер во владата на СДС допрва почнува, а по судските глупи друштво ќе му прават и сите негови криминални ортаци“, рече Петрушевски на денешната прес-конференција
Социјалдемократскиот сојуз (СДСМ) како партија која соработуваше и молчеше кога поранешниот прв вицепремиер Артан Груби правеше криминал, сега се исплаши до срж оти не знаат што сè тој може да каже. Ова денеска на прес-конференција го соопшти пратеникот Бране Петрушевски од редовите на владејачката ВМРО-ДПМНЕ, посочувајќи дека ги оправдуваат реакциите и револтот на граѓаните по одлуката на правосудните органи, ефективниот притвор за Груби да биде заменет со куќен.

„Дали имаат страв дека неговиот исказ ќе оди до поранешен претседател на СДСМ и премиер на Македонија: Затоа ли вртеа телефони интересирајќи се за исказот на Груби? Кого може тој да повлече со него? Дали тоа ќе бидат неговите ортаци по криминал Заев, Филипче, Спасовски, Зечевиќ и други?“,
праша Петрушевски.
Според него, Груби е ортак во криминалите на експремиерот и поранешен лидер на СДСМ, Зоран Заев, актуелниот претседател на СДСМ, Венко Филипче, и поранешниот министер за внатрешни работи Оливер Спасовски.
„Сите заедно ќе се соочат со правдата и ќе одговараат. Затоа е и паниката и нервозата во редовите на СДС, стравот од одговорност длабоко им влегол во коски. Судскиот процес за Груби, ексвицепремиерот и министер во владата на СДС допрва почнува, а по судските глупи друштво ќе му прават и сите негови криминални ортаци“,
рече тој.
Очекува, како што додаде, одлуката на судот да биде во заштита на правдата, а не соучесник во неправдата.
„Го разбираме и оправдуваме револтот на граѓаните по одлуката за куќен притвор на криминалецот Груби, а ги поздравуваме владините институции што си ја завршија работата и го доведоа пред лицето на правдата криминалецот што избега пред година дена откако се отвори постапка за негова вина во случајот со ‘Државна лотарија‘ за проневера на државни пари во вредност од над осум милиони евра“,
кажа пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ.
Јавното обвинителство на Република Северна Македонија денеска преку писмено соопштение одговори на реакциите што во јавноста ги предизвика одлуката на Артан Груби ефективниот да му биде заменет со куќен притвор, објаснувајќи ги причините за предлогот што дојде од надлежниот обвинител, а беше прифатен од Кривичниот суд.
За таквата одлука, од Обвинителството велат дека биле исполнети специфичните услови, односно дека Министерството за внатрешни работи (МВР) и Агенцијата за национална безбедност (АНБ) процениле дека во притворското одделение не може да се гарантира безбедноста на Артан Груби, а деталите за ова биле презентирани и пред судијата на претходна постапка.
Според Социјалдемократскиот сојуз на Македонија (СДСМ), уште една потврда дека враќањето од бегство на Груби и замената на ефективниот со куќен притвор е реализација на претходно договорено сценарио меѓу ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ.
Инаку, Груби во земјава реши да се врати по повеќе од една година бегство надвор од државата. Првично кога избега нему му беше одредена мерка притвор, поради што вчера утро веднаш по појавувањето на ГП „Блаце“ беше спроведен во затворот „Скопје“.
На барање на Обвинителството потоа тој беше однесен на распит во Основното јавно обвинителство Скопје, каде, на негово барање почнал со увид во доказниот материјал.
Тој е второосомничен во случајот со проневери во „Државна лотарија“. Ја напушти земјава пред Обвинителството официјално да отвори истрага, а успеа да излезе од државата и да влезе во Косово и покрај тоа што беше на т.н. „стоп-листа“.
Тогаш тврдеше дека не избегал, туку дека бил во приватна посета на Косово, наведувајќи дека штом ги заврши обврските ќе се врати дома.
Првоосомничен во случајот е поранешниот директор на „Државна лотарија“, Перпарим Бајрами, кој сè уште е недостапен за органите на прогонот.
И тој и Груби се товарат за кривичното дело проневера во службата, со кое предизвикале штета од 8,1 милион евра на акционерското друштво во државна сопственост.
