„Чесно ќе кажам, убеден сум дека Владата ќе обезбеди 100 автобуси за граѓаните, она што ни беше ветено. За динамиката ќе треба да се утврди и да се координира со нив“, кажа градоначалникот во вечерашното гостување во централниот дневник на Телевизија Сител
Градоначалникот на Скопје Орце Ѓорѓиевски вели оти е убеден дека до јуни или јули ќе пристигне првата пратка нови автобуси за главниот град, со што ќе се подобрат состојбите со јавниот превоз.

Тој во вечерашното гостување во „Тема на денот“ во централниот Дневник на Телевизија Сител наведе дека градот требаше да добие нови автобуси во март, но поради пропаднатиот тендер постапката сега треба да се повтори.
„Јас не се плашам да се извинам ако згрешам со проценките. Сега, наместо 80 ќе бидат набавени 100. Најголем дел од нив ќе стигнат оваа година“,
рече Ѓорѓиевски.
Тој потсети дека има владина одлука за набавка на нови автобуси, како и дека во процесот е вклучен и премиерот Христијан Мицкоски, поради што е, како што кажа, убеден дека тие и ќе пристигнат.
„Дали ќе стигнат сите сто автобуси, не сум убеден во тоа, но дека ќе пристигнат автобуси кои сериозно ќе ги подобрат состојбите и ќе стават крај на голготата низ која долги години поминуваат нашите сограѓани, ќе стигнат“,
рече градоначалникот на Скопје, додавајќи дека секогаш кога ВМРО-ДПМНЕ е на власт на централно ниво, тогаш се обновува флотата на автобуси на ЈСП.
Во таа насока, тој посочи оти е убеден дека процесот е во финална фаза и дека ќе биде распишана тендерската постапка за набавка на автобусите.
„Убеден сум дека до јуни или јули би пристигнала првата пратка автобуси, но тоа не зависи само од мене. Чесно ќе кажам, убеден сум дека Владата ќе обезбеди 100 автобуси за граѓаните, она што ни беше ветено. За динамиката ќе треба да се утврди и да се координира со нив“,
кажа градоначалникот.
Тој истакна дека од моментот кога стапил на градоначалничката позиција покрај 157 автобуси, кои возеле дневно, во функција се ставени уште 30. Притоа тој напомена дека станувало збор за автобуси кои се во сопственост на ЈСП, но многу од нив не сообраќале поради ситни поправки.
Ѓорѓиевски рече дека по сто дена на оваа позиција, кои неодамна ги одбележа, во моментов се соочува со повеќе предизвици.
„Би бил неискрен ако кажам дека дојдов и за сто дена решивме сè. Јас не сум сто месеци градоначалник, туку три месеци и неколку дена. За релативно краток период постигнавме сериозен успех. За релативно кратко време имаме 40 милиони евра вратени долгови на јавните претпријатија и на Градот, нешто што не паметам дека некој го направил во минатото“,
рече градоначалникот на Скопје.
Тој посочи дека кога дошол на функцијата биле закочени процесите во повеќе области, како „Скопје – Европска престолнина на културата 2028“, Пречистителната станица и други проекти на кои, како што рече, сега се работи со сериозен прогрес.
Градоначалникот го спомена и Јавното претпријатие „Комуналната хигиена“, при што посочи дека кога стапил на функцијата таму имало 16 исправни комунални возила, а денес има 57 кои сообраќаат. Додаде дека сè уште има пропусти, бидејќи станува збор за стара механизација и така ќе биде сè додека не пристигне новата.
За БРТ проектот наведе дека постапките на терен ќе започнат во 2027, а до крајот на неговиот мандат најави и дека Скопјани ќе ја добијат првата подземна сообраќајница кај Лимак.
За подобрување на квалитетот на воздухот, споменувајќи ја притоа и одлуката на Град Скопје за дислокација на Усје, рече дека на долг рок локалната и централната власт треба да работат заеднички на остранување на тешката индустрија од централното градско подрачје.
„Она што во моментов треба да биде и наша интенција и на Владата, драго ми е што и претседателот на Владата го поддржа тој процес, е на долг рок да работиме кон тоа сите потенцијални загадувачи, односно целата потешка индустрија да се отстрани од централното градско подрачје. За мене успешен мандат ќе биде ако до крајот на мојот мандат успееме да започнеме со тој процес. Знам дека станува збор за приватна сопственост, знам дека имаат аргументи и од другата страна, не е само Усје, кој треба да се споменува на оваа тема, има уште неколку слични локации во град Скопје“,
рече Ѓорѓиевски.
