Ако не е противуставна и ако не ги крши правата на децата на професорите, не сум против враќање на одредбата која забранува вработување на роднини по крв во прва линија на ист факултет, вели министерката за образование и наука во интервју за „360 степени“

Одредбата од актуелниот Закон за високо образование со која се забрануваше вработување на роднини по крв во прва линија на ист факултет не се почитуваше досега, вели министерката за образование и наука Весна Јаневска на прашањето зошто оваа одредба ја нема во нацрт-законот за високо образование кој од 1 февруари е отворен за коментари на платформата ЕНЕР.
Во гостување во емисијата „360 степени“ на МРТ 1, Јаневска го правда тргањето на одредбата со објаснување што го добила од правници дека со неа се повредува човековото право на децата на професорите на избор на професија и на рамноправност при влез во институциите како и сите останати граѓани. Дополнително, вели министерката, Македонија е земја од еден милион и 800 илјади жители и дека во јавниот дискурс секогаш се препознава намера па има коментари оти „сигурно има некои деца коишто чекаат да бидат вработени на факултет“.
„Еве денеска на УКИМ ќе ги прашам, ако гласаат да ја вратиме – веднаш ќе ја вратиме одредбата. Таму се правниците. Што се однесува до мене, одредбата може веднаш да се врати. Но, тоа би било нешто противуставно – вие да му ја скратите можноста на некое дете само затоа што родителот, еве да речеме, му е успешен. Дополнително, законот сега бара строги критериуми за напредување во академската заедница“,
вели Јаневска.
Министерката вели дека поентата не е човек да влезе на универзитет и цел живот да остане асистент (ако не ги задоволува строгите критериуми за напредување) и оти добро е општеството и универзитетите да направат меѓусебен пакт, оти и сега има факултети кои со одлука одлучиле дека нема да примаат роднини на вработени.
„И тоа е добро и тие си ја почитуваат таа одлука, за разлика од тоа во минатото дел од тие одлуки не беа почитувани. И не сум сигурна дека беше најдобра, но пак законот вели друго: не може ментор да му биде роднина од прв ред, не може во комисија да му биде, не може во рецензентска комисија да му биде, во комисија за одбрана… Некакви одбранбени механизми се предвидени“,
заклучи Јаневска.
