„Верувам дека запирањето на Путин и спречувањето на окупацијата на Украина е победа за целиот свет. Бидејќи Путин нема да застане кај Украина“, вели тој во интервју за Би-би-си
Украинскиот претседател Володимир Зеленски во интервју за Би-би-си вели дека рускиот претседател Владимир Путин веќе ја започнал Третата светска војна, но оти главно прашање е како тој да се запре.
Во интервјуто, одржано во седиштето на владата во Киев, пред четвртата годишнина од конфликтот меѓу Русија и Украина, Зеленски испрати остра порака до светските лидери. Посочи дека Украина не планира да изгуби, ги отфрли територијалните отстапки како цена за мирот и предупреди дека амбициите на Путин нема да запрат на границите на Украина.

Секое привремено примирје, како што вели, според условите на Путин, би ѝ помогнало само на Русија да ги обнови своите десеткувани сили.
Според неговите проценки, на Русија ќе ѝ требаат само две години за да се опорави и да ја продолжи инвазијата.
„Верувам дека Путин веќе ја започна Третата светска војна. Единственото прашање е колку територија ќе може да заземе и како тој да се запре. Запирањето на Путин и спречувањето на окупација врз Украина е победа за целиот свет, бидејќи тој нема да застане тука“,
вели тој.
За барањето на Русија, Украина да отстапи 20 отсто од регионот Донецк, како и дополнителни области во регионите Херсон и Запорожје, во замена за прекин на огнот, Зеленски одговори дека таквите отстапки не доаѓаат предвид.
„Јас на тоа гледам поинаку. Таа територија не ја гледам само како земја, туку како напуштање на нашите позиции, како слабеење и оставање стотици илјади наши луѓе што живеат таму. Така го гледам. И сигурен сум дека таквото повлекување би го поделило нашето општество“,
кажа Зеленски.
Зеленски честопати вели дека Украина може да победи, а во интервјуто се обиде да објасни што би значело победа. Освен враќање на нормалниот живот за Украинците, пошироката слика за победата, како што вели, е фокусирана на глобалната закана, што, според него, ја претставува Путин.
„Верувам дека запирањето на Путин и спречувањето на окупацијата на Украина е победа за целиот свет. Бидејќи Путин нема да застане кај Украина“,
додава украинскиот претседател.
На прашањето дали победата значи и враќање на целата територија, тој одговори потврдно, но дека тоа е само прашање на време.
Осврнувајќи се на изјавите на Доналд Трамп, вклучително и на обвинувањето дека тој е диктатор кој започнал војна, Зеленски се насмеа и рече:
„Јас не сум диктатор и не започнав војна, тоа е тоа“.
На прашањето дали може да му се верува на Трамп, Зеленски одговори дека не станува збор само за еден претседател, туку за цела Америка.
„Сите сме претседатели на одредени мандати. Сакаме гаранции, на пример, за 30 години оти политичките елити и лидери ќе се менуваат“,
рече тој додавајќи дека американските безбедносни гаранции ќе мора да бидат потврдени од Конгресот за да бидат цврсти.
На новинарското прашање дали светот треба да се подготви за уште подолга војна, Зеленски одговори со шаховска метафора:
„Играте шах со многу лидери, не само со Русија. Нема еден правилен пат, туку мора да изберете многу паралелни насоки. Еден од нив ќе донесе успех, а за нас, успехот е исклучиво запирање на Путин.“
Го заврши интервјуто со пораката дека враќањето на границите од 1991 година останува цел што не е само прашање на победа, туку победа на правдата за целиот свет.
Инаку, во интервјуто, Зеленски, чиј првичен мандат истече, го остави отворено прашањето дали повторно ќе се кандидира за претседател на нови избори.
Посочи дека се потребни сигурни безбедносни гаранции пред таквото гласање за да се спречи манипулација на изборите и трајно да се заштити Украина од руските амбиции за анексија.
Според Путин, Зеленски веќе не е легитимен поради истекот на неговиот мандат.
Сепак, мандатот на Зеленски продолжува поради воената состојба, која забранува избори во воено време.
На меѓународно ниво, Зеленски сè уште е признат како украински претседател.
