Реакцијата на социјалдемократите доаѓа како одговор на претходните тврдења од ВМРО-ДПМНЕ дека предлогот за Адамовиќ дошол од актуелниот македонски амбасадор во Белград, кој беше именуван во мандатот на СДСМ
Опозицискиот СДСМ попладнево одново преку соопштение реагира за назначувањето на Душан Адамовиќ за нов почесен конзул на земјава во соседна Србија. Оттаму велат дека власта се обидува да се сокрие зад лаги откако, според нив, била фатена во скандал со ова именување. Реакцијата на социјалдемократите доаѓа како одговор на претходните тврдења од ВМРО-ДПМНЕ дека предлогот за Адамовиќ дошол од актуелниот македонски амбасадор во Белград, кој беше именуван во мандатот на СДСМ, како и дека кандидатот ги исполнувал сите дипломатски критериуми.
Сепак, од СДСМ возвраќаат дека конечната одлука за назначување почесен конзул ја носи исклучиво Владата на седница и дека со тоа тука завршува прашањето за префрлање на политичката одговорност. Тие инсистираат ВМРО-ДПМНЕ јавно да објасни кои критериуми ги исполнува новиот конзул, чие седиште ќе биде во Панчево.
„Дали близината со Мицкоски? Или тоа што е висок функционер на СНС, нивната сестринска партија? Еден од таквите функционери и финансиери на СНС беше уапсен во акција поврзана со пет тони дрога што дошла од Македонија“,
се вели во соопштението.
Партијата потсетува на контроверзното минато на Адамовиќ, прашувајќи дали исполнувањето на критериумите подразбира негови јавни објави во кои пишувал дека „Српска Македонија“ била окупирана, а дополнително, оттаму прашуваат дали многубројните афери со оружје, престрелки и напади со бомби во Србија, кои според нив имаат криминална заднина, го препорачале за оваа позиција.
„Го провериле ли македонските безбедносни служби или Мицкоски лично лобирал за него? Како од толку угледни бизнисмени во Србија, Владата го избрала Адамовиќ со криминално минато за почесен конзул на Македонија“,
реагираат од СДСМ.
Портпаролката Кузеска денеска на прес-конференција прашувајќи кој е Душан Адамовиќ и зошто токму тој е избран за почесен конзул, сподели негови стари објави на платформата Икс. Портпаролката цитирајќи една објава од Адамовиќ од 2012 година во која тој пишува „Ова е уште еден доказ дека српска Македонија e окупирана“, рече дека е скандал сам по себе.
