Портпаролката Кузеска, исто така, рече дека конзулот Душан Адамовиќ бил поврзан со афера за трговија со оружје

Социјалдемократскиот сојуз на Македонија (СДСМ) денеска излезе со низа прашања околу изборот на Душан Адамовиќ за почесен конзул на Република Северна Македонија во Република Србија.
Портпаролката на СДСМ, Богданка Кузеска, на денешната прес-конференција рече дека Адамовиќ пред околу еден месец од српското МНР ја добил егзекватурата, а покажа и фотографија од настанот.

Кузеска прашувајќи кој е Душан Адамовиќ и зошто токму тој е избран за почесен конзул, сподели негови стари објави на платформата Икс.
Портпаролката цитирајќи една објава од Адамовиќ од 2012 година во која тој пишува „Ова е уште еден доказ дека српска Македонија e окупирана“, рече дека е скандал сам по себе.

„Адамовиќ е висок функционер на СНС сестринската партија на ВМРО-ОКГ, и близок со Александар Вучиќ. Бил член на Извршниот одбор на СНС, кородинатор за Срем и координатор за Јужен Банат“,
рече Кузеска.
Таа пренесе и дека во медиумите во Србија биле објавени скандалозни информации за бројни афери кои се поврзуваат со Адамовиќ.
„Во 2019 години поранешниот министер за внатрешни работи на Србија, Зоран Живковиќ јавно ќе објави дека Душан Адамовиќ е дел од група која се занимавала со трговија со оружје. Вести.рс пренесува дека во 2008 година на само 24 години бил застрелан во нога затоа што должел пари. Преживеал напад со бомба во 2006 година. Бил уапсен и за други кривични дела. Бројни афери со криминални позадини се поврзуваат“,
додаде Кузеска.
Кузеска праша како, покрај толку угледни бизнисмени, личност со вакво криминално минато, со која се поврзуваат бројни афери во Србија е избран за конзул.
„Го провериле ли македонските безбедносни служби или Мицкоски лично лобирал за него?“,
праша Кузеска.
Според неа, овој скандал отвора сериозен сомнеж и го повика премиерот Мицкоски да излезе и да даде одговори на прашањата.
