Ѓорѓиевски вели дека иако третата фаза, подземната сообраќајница, е веќе изградена, нејзиното целосно ставање во функција е возможно само со реализација на сите фази

Градежните активности за реализација на булеварот „Македонија“ се одвиваат со засилена динамика. На терен се десетици камиони и градежни машини кои работат и во вечерните часови кога има помалку сообраќај. За активностите околу изградбата на оваа сообраќајница, градоначалникот Орце Ѓорѓиевски информира на својот фејсбук-профил, каде што напиша дека Скопје ја добива својата прва подземна сообраќајница.
„Проект кој со години беше во застој, денес добива нов импулс, јасна временска рамка и визија за современ урбан развој“,
пишува Ѓорѓиевски кој вчеравечер со премиерот Христијан Мицкоски бил на увид на градежните работи.
Подземната сообраќајница ќе располага со шест ленти – четири за двонасочен автомобилски сообраќај и две наменети за јавен превоз, како и дополнителни пешачки патеки.
Ѓорѓиевски вели дека иако третата фаза, подземната сообраќајница, е веќе изградена, нејзиното целосно ставање во функција е возможно само со реализација на сите фази.
„Првата фаза започна пред неколку недели и веќе се реализира со конкретни активности на терен“,
вели градоначалникот.
Во рамки на оваа етапа, додава тој, се врши реконструкција и рехабилитација на постоечкиот коловоз, како и проширување на одделни коловозни ленти со цел значително подобрување на проточноста и функционалноста на сообраќајот.
Проектот ги опфаќа булеварот „Борис Трајковски“ (кај Рампа), улиците „11 Октомври“ и „Пролет“, како и крак од булеварот „Македонија“ до приклучокот на булеварот „Борис Трајковски“, од каде што продолжува кон следната фаза.
Според Ѓорѓиевски, предвидено е и проширување на улицата „Пролет“, на потегот од полициската станица „Пролет“ до Тутунскиот комбинат, со дополнителна коловозна лента.
„Раскрсницата на овој потег, од безбедносни причини, ќе биде уредена со два острови во форма на триаголник и три во форма на солза, со што значително ќе се зголеми безбедноста на сите учесници во сообраќајот“,
пишува Ѓорѓиевски.
На потегот од улицата „Пролет“ кон „Лимак“, како и од „Лимак“ кон булеварот „Борис Трајковски“, ќе се воведе еднонасочен режим на сообраќај, додека на раскрсницата меѓу булеварот „Борис Трајковски“ и улицата „11 Октомври“ ќе бидат поставени нови семафори.
Според проектот, Ѓорѓиевски вели дека во наредните фази е предвидена изградба на еден кружен тек кај „Нова Македонија“, како и на уште два во делот меѓу булеварот „Кочо Рацин“ и улицата „Јордан Мијалков“. Исто така, предвидено е и проширување на булеварот „Св. Кирил и Методиј“.
Паралелно со коловозната инфраструктура, градоначалникот вели дека се изведува и атмосферска канализација со поставување на повеќе од 60 шахти и сливници – значаен чекор кон поотпорна, одржлива и функционална урбана инфраструктура.
