Кај седум трговци биле пронајдени производи со изминат рок на употреба, додека кај двајца се продавала храна со непознато потекло
Инспекторите на Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) неделава уништиле нешто повеќе од еден тон (1 010 килограми) небезбедна храна при засилени контроли во објекти кои произведуваат и продаваат т.н. здрава храна. При инспекциите на 373 субјекти од тој вид е утврдено дека 14 од нив воопшто не биле регистрирани како оператори со храна во Агенцијата, а за констатираните неправилности, инспекторите изрекле 44 парични казни во вкупна вредност од 20 550 евра, а издадени се и 65 решенија за отстранување на недостатоците, како и 19 опомени.

Кај седум трговци биле пронајдени производи со изминат рок на употреба, додека кај двајца се продавала храна со непознато потекло. Дополнително е утврдено несоодветно означување на производите кај 18 оператори. Покрај проблемите со самите производи, инспекторите нотирале и сериозни санитарни пропусти. Девет објекти работеле во незадоволителни хигиенски и технички услови, а во дури 23 објекти вработените немале направено задолжителен санитарен преглед.
Кај двајца оператори воопшто не била направена задолжителната дезинфекција, дезинсекција и дератизација, ниту, пак, имале воспоставено процедури за добра хигиенска и производствена пракса.
