Во дебатата таа го отвори и прашањето за тоа дали можеби не треба да се направи и закон за претседател велејќи дека имаме закон за правата на претседателите што не се на функцијата, а немаме закон за актуелниот шеф на државата

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова денеска на научно-стручната расправа за предлог-законот за помилување порача дека помилувањето мора да се води од хуманоста и процесот на ресоцијализација, наместо само од природата на изречената казна.
Според неа, секој човек заслужува втора шанса.
„Сите луѓе, па и кога ќе направат големи грешки во животот и ќе се најдат изолирани, имаат право на втора шанса. Впрочем, денес трендот во ресоцијализацијата оди рака под рака со осовременувањето и очовечувањето на условите во затворите“,
рече претседателката.
Таа упати критика за состојбите во македонските затвори нагласувајќи дека тие сè уште не ги исполнуваат условите за вистинска ресоцијализација.
Претседателката предупреди дека Македонија може да се најде на удар на Советот на Европа дури и за елементи на тортура за постапувањето кон луѓето во затворите.
Сиљановска-Давкова го поздрави изработувањето на нов закон за помилување бидејќи сегашниот, како што рече, „не личи на закон, особено ако мора да го читаме низ призма на она што го стори Уставниот суд укинувајќи многу одредби и сега има еден тотално нелогичен след“. Таа додаде дека членовите на комисијата не може да имаат „истражни“ надлежности и да бараат информации од судовите или агенциите и оти во нејзиниот состав не треба да бидат судии, јавни обвинители и адвокати.
Претседателката отвори неколку прашања поврзани со законот пред експертите од оваа област. Законските решенија, според неа, треба да се креираат имајќи предвид разни профили на претседатели, а меѓу прашањата што ги отвори е сведувањето на минимум на дискрециското право на одлучување, одредба за Комисијата за политички систем, досегашната и идната улога на Министерството за правда.
„Бидејќи во ова постапување има секогаш простор за дискреционо однесување, прашањето е како да се сведе на минимум или дури како да се анулира дискрецијата оти во демократски политички систем не треба да има простор за вакво постапување. И јас затоа одговорно овде тврдам дека секогаш работата сум ѝ ја оставала на Комисијата. Како што ќе одлучи Комисијата, така се однесувам и јас“,
рече Сиљановска-Давкова додавајќи дека можеби тоа треба да се внесе во законот.
Во дебатата таа го отвори и прашањето за тоа дали можеби не треба да се направи и закон за претседател.
„Еден ден треба да собереме сила и да донесеме закон за претседател оти имаме закон за правата на претседателите што не се претседатели, а немаме закон за претседател“,
кажа таа.
Зборувајќи за делата доживотен затвор и дилемата дали некои од лицата осудени на ваква казна не треба можеби крајот на животот да го дочекаат поинаку, со исклучок на случаи со тероризам и против човештвото, таа, меѓу другото, рече дека ние треба да ги следиме мислењата на Венецијанската комисија, која им препорачува на државите од поранешна Југославија „да го тргнат автентичното толкување, да го лоцираат онаму каде што му е местото – во Уставниот суд и да го тргнат од парламентот“.
„Ние сме држава со најмногу автентични толкувања. Образложението од Венецијанската комисија е дека не може еден сегашен состав да толкува што мислел друг во деведесеттите години и дека е лесно преку автентично толкување да дадете сосема поинаква интерпретација на некоја законска одредба. Дури има забелешка и за општите мислења на Врховниот суд, исто така врз поделбата на власта“,
рече Сиљановска-Давкова.
