Со секое ново пролонгирање, според партијата, се испраќа јасна порака дека прекршувањето на законот на крајот ќе биде наградено со легализација, додека граѓаните што инвестирале време и средства за да градат прописно остануваат изиграни
Партијата Левица ја повикува претседателката Гордана Силјановска-Давкова да не ги потпишува измените на Законот за постапување со бесправно изградените објекти, кои вчера се донесени во Собранието, со што рокот за легализација на објектите со ваков статус се продолжува за пет години.

Од партијата велат дека остануваат на ставот дека дивоградбите не смеат да бидат предмет на бесконечни амнестии, туку на системско решавање кое ќе направи јасна разлика меѓу социјалниот, неизбежниот случај и профитерската злоупотреба.
„Претседателката уште како пратеник јасно потенцираше дека етички и правно е невозможно да се повикуваме на владеење на правото, а истовремено да носиме закони со кои се уредува ‘правниот статус‘ на бесправно изградени објекти. Таа тогаш со право укажа дека не може да се утврди легитимитет на нешто што е изградено спротивно на законот и дека ваквите решенија претставуваат директен удар врз урбанистичкото планирање и правната сигурност“,
се вели во соопштението од партијата.
Откако Собранието вчера повторно го продолжи рокот за легализација до 3 март 2031 година, наместо претходно утврдениот до 3 март 2026 година, според Левица, се испраќа јасна порака дека прекршувањето на законот на крајот ќе биде наградено со легализација, додека граѓаните што инвестирале време и средства за да градат прописно остануваат изиграни.
„Со ова се девалвира правниот поредок, се поткопува довербата во институциите и се стимулира нов бран дивоградби, затоа што очекувањето дека ‘ќе има нов рок‘ станува рационална калкулација. Наместо да се воспостави ред и да се зајакнат инспекциските и урбанистичките механизми, државата повторно избира амнестија како модел на управување“,
велат од Левица.
Според партијата, со легализирање на бесправното, без јасна стратегија и краен рок што навистина ќе биде конечен, се релативизира самата идеја за законитост.
Собранието вчера со 67 гласа „за“, пет „против“ и без ниту еден воздржан, по скратена постапка, ги донесе измените на Законот за постапување со бесправно изградените објекти, со кои рокот за легализација на објектите со ваков статус се продолжува за пет години.
Имено, со досегашното решение, рокот до кога требаше да се завршат постапките со поднесените барања за легализација на бесправно изградени објекти беше 3 март 2026 година. Со донесените измени, сега тој рок се продолжува до 3 март 2031 година.
Барањата за легализација на бесправно изградени објекти, според досегашното решение, можеа да се поднесуваат заклучно со март 2011 година, а рокот до кога предметите требаше да бидат решени беше 3 март 2026 година. Со донесените измени, сега тој рок се продолжува до 3 март 2031 година, односно наместо 15, ќе изнесува 20 години.
Според подносителите, со измените не се менува ништо суштинско во однос на поднесувањето на барањата, туку само во рокот за решавање на предметите. Формално измените не предвидуваат можност за поднесување нови барања за легализација на дивоградби, туку треба да им помогнат на институциите да ја завршат постапката за оние граѓани кои веќе поднеле документација и чекаат разрешница.
