„Ристоска мора да знае дека ова се други времиња. Ако таа е навикната ‘подобноста’ да биде главен критериум, како што беше во СЈО, овој пат тоа не е случај. Сега се потребни интегритет, професионалност и одговорност“, велат од партијата

Владејачката ВМРО-ДПМНЕ преку соопштение испрати одговор на денешната реакција на обвинителката Ленче Ристоска, која го критикуваше премиерот Христијан Мицкоски за нејзиното исклучување од трката за нов државен јавен обвинител. Од партијата порачуваат дека критериумите за оваа функција се променети и дека партиската подобност повеќе не може да се користи.
Во соопштението, ВМРО-ДПМНЕ потсетува дека Ристоска имала ангажман во Специјалното јавно обвинителство (СЈО), каде што била, како што велат, „десна рака“ на поранешната шефица Катица Јанева.
„Ристоска мора да знае дека ова се други времиња. Ако таа е навикната ‘подобноста’ да биде главен критериум, како што беше во СЈО, овој пат тоа не е случај. Сега се потребни интегритет, професионалност и одговорност“,
велат од партијата.
Од ВМРО-ДПМНЕ тврдат дека дури и во приватни компании („Мамас“) се применувале повисоки стандарди за прием на кадар отколку во времето кога се избирале кадри во СЈО.
„Чудно е од друга страна пак што ист човек во својата приватна фирма (’Мамас’) да прима луѓе по одредени критериуми, а кога бирал за државно обвинителство примал луѓе кои беспоговорно го слушаат и без никакви критериуми“,
се додава во соопштението од ВМРО-ДПМНЕ.
Нејзиниот неизбор, според партијата, е јасен сигнал дека партиските атрибути повеќе не се пресудни.
„Подобноста е најсилниот атрибут и особина на Ристоска и нејзиниот неизбор е токму сигнал дека тоа овде не е пресудно, туку далеку поразлични и побитни критериуми“,
се додава во соопштението.
Од партијата ја повикаа Ристоска додека јавно говори за подобност и критериуми да престане да лобира кај функционери на ВМРО-ДПМНЕ.
Денешните реакции од Ленче Ристоска и од ВМРО-ДПМНЕ следуваат откако синоќа премиерот Христијан Мицкоски во телевизиско гостување изјави дека обвинителката Ристоска апсолутно не е во игра за избор за државен јавен обвинител.
Денеска обвинителката Ристоска реагираше на оваа изјава и рече дека кога кандидат однапред се исклучува без анализа на неговата програма и професионален пат се отвораат прашања за природата на критериумите што се применуваат во изборот.
Таа е уверена дека избор од вакво значење мора да биде заснован на квалитет, а не на подобност.
И од опозицискиот СДСМ реагираа на изјавата на Мицкоски. Оттаму го обвинија премиерот за директно мешање во изборот на нов државен јавен обвинител и „погребување“ на правната држава.
Инаку, изјавата на премиерот Мицкоски следува откако Советот на јавни обвинители на Владата ѝ достави список со позитивно мислење за четворица од петмина пријавени кандидати за функцијата државен јавен обвинител. Членовите на Советот на јавните обвинители дадоа позитивно мислење за обвинителките Анита Тополова-Исајловска, Ленче Ристоска и Лидија Раичевиќ и за судијата Ненад Савески.
