За случајот со заплената во Србија, Тошковски нагласи дека постојат докази што упатуваат дека дрогата влегла од Македонија и дека истрагата се води и во тесна соработка со српските надлежни органи. Според него, суштинско прашање е и како таквата количина на наркотична дрога влегла на територијата на Србија имајќи го предвид начинот на функционирање на заедничките гранични контроли
Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски вчеравечер во телевизиско гостување на ТВ 21 информира дека е поднесена кривична пријава против десет осомничени лица дека се поврзани со нелегално производство и пуштање во промет наркотична дрога, како дел од истрагата поврзана со запленетите 40 тони канабис.

Посочи дека двајца од осомничените веќе се во краткотраен притвор од 48 часа, а истрагата што ја води Министерството со внатрешни работи (МВР) во координација со Јавното обвинителството за гонење организиран криминал и висока корупција (ОЈО ГОКК) е поврзана и со дрогата пронајдена во соседна Србија, за која постојат индиции дека потекнува од производствени капацитети за т.н. медицински канабис во државата.
Кривичната пријава, како што рече, е резултат на обемна истрага и преземени активности во изминатиот период.
„Во оваа фаза од истрагата е поднесена кривична пријава за десет лица за кои имаме основано сомнение дека се директно или индиректно поврзани со нелегално производство и пуштање во промет на произведената дрога. Имаме и основани сомненија дека овие лица се поврзани со транспортот на марихуаната, што беше запленета во Србија“,
рече тој.
Во рамки на контролите спроведени во производствените капацитети низ државата, одземени се околу 40 тони марихуана, за која надлежната комисија констатирала дека не била третирана согласно законските прописи.
„Индициите што ги имавме за нелегално производство, третман и чување се покажаа како точни и затекнатата дрога, за која е утврдено дека не е третирана согласно закон, е одземена“,
вели Тошковски.
Спроведените контроли, додаде, покажале дека дел од компаниите работеле целосно законски и професионално, но кај дел се утврдени сериозни незаконитости и поради тоа марихуаната е одземена.
„Се поставува прашањето каде ќе завршеле тие 40 тони дрога доколку не ги одземевме“,
кажа министерот.
За случајот со заплената во Србија, Тошковски нагласи дека постојат докази што упатуваат дека дрогата влегла од Македонија и дека истрагата се води и во тесна соработка со српските надлежни органи.
Според него, суштинско прашање е и како таквата количина на наркотична дрога влегла на територијата на Србија, имајќи го предвид начинот на функционирање на заедничките гранични контроли.
„Согласно Договорот што го имаме за системот со едно застанување и така е имплементиран, секоја гранична полиција на МВР, во рамки на граничната контрола го штити влезот во Македонија, односно излезот на Србија и влезот во Македонија. Македонските полициски службеници се на овој граничен премин и тука го контролираат влезот во Македонија. На влезот во Србија го контролираат српските полициски службеници. Значи, не е прашањето како излегла од Македонија, туку како влегла во Србија. Тоа е во делот на надлежноста на МВР. Во делот на надлежностите на останатите институции, ќе видиме, ќе покаже истрагата“,
вели тој.
Паралелно, како што вели, Владата го задолжи Министерството за здравство и надлежната комисија, во соработка со МВР и другите институции, да извршат контроли во сите лиценцирани производствени капацитети, со цел целосно утврдување на фактичката состојба и санкционирање на сите незаконитости.
„Досега имаме извршени контроли во десетина правни лица. Кај три правници лица е констатирано професионално работење согласно закон. Неколку од правните лица немале никаква количина на произведена дрога во моментот на контролата, а кај дел од правните лица се констатирани незаконитости во овој дел. Тие 40 тони дрога се одземени од правни лица каде се констатирани незаконитости во овој дел“,
рече Тошковски.
Најави дека во иднина ќе продолжат со контроли на сите правни лица што во минатото добиле лиценци за производство на марихуана за медицински цели.
