Како што рече градоначалникот, првите 100 дена од мандатот биле посветени на целосно консолидирање на состојбите затекнати во Градот Скопје, во јавните претпријатија и институциите под негова надлежност
Кога заедно ја добивме битката за Скопје, наследивме урнат град, град на раб на банкрот, институции без ред, без дисциплина, без надеж, систем што одамна престанал да работи за нашиот народ, но како тим добивме нешто посилно од сè – довербата на скопјани. Јас си дадов збор дека таа доверба нема никогаш да ја изневерам.

Ова беше дел од обраќањето на градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски, на вечерашниот настан во Македонската филхармонија по повод 100 дена од градоначалничкиот мандат.
„Затекнавме јавни претпријатија со блокирани сметки, вработени без плата, луѓе што со години земале плата, а не се појавиле на работа, затекнавме град претворен во депонија, расипани машини, автобуси заклучени по гаражите. Сето тоа збогатено од претходниците со долг од речиси 300 милиони евра“,
рече Ѓорѓиевски.
Првите сто дена од мандатот, како што рече градоначалникот, биле посветени на целосно консолидирање на состојбите затекнати во Градот Скопје, во јавните претпријатија и институциите под негова надлежност.
„Во однос на финансиската состојба, можам да кажам дека затекнавме целосно испразнета градска каса со наследени обврски – како тековни обврски кон добавувачи така и кредити и тужби, како на градот така и на јавните претпријатија. За 100 дена успеавме да ги намалиме обврските за повеќе од 40 милиони евра преку кратење на непродуктивните трошоци и зголемување на приходите преку целосна финансиска дисциплина и рационално управување со градскиот имот“,
изјави Ѓорѓиевски во обраќањето пред присутните.
Градоначалникот најави дека во следниот период ќе започне изведба на крупни капитални проекти во главниот град како изградба на булеварот „Љубљанска“, доизградба на булеварот „Борис Трајковски“, изградба на кружниот тек во Ѓорче Петров, изградба на булеварот „Македонско-косовска бригада“, како и изградба на нов луна парк.
Особена благодарност Ѓорѓиевски упати до премиерот Христијан Мицкоски, за кого рече дека како никој досега покажал вистинска грижа за граѓаните и поддршка за Скопје.
