„Мојот став поврзан со тоа име е апсолутно дека не е во игра“, изјави премиерот на прашањето дали обвинителката која своевремено беше дел од СЈО и сè уште застапува обвиненија против ексфункционери на ВМРО-ДПМНЕ, е опција за нов државен обвинител
Ленче Ристоска апсолутно не е во игра за нов државен јавен обвинител – вели премиерот Христијан Мицкоски на прашањето дали Владата се одлучила кој да биде нов шеф на Јавното обвинителство. Прашањето следува откако Советот на јавни обвинители пред два дена на Владата ѝ достави список со позитивно мислење за четворица од петмина пријавени кандидати за функцијата државен јавен обвинител.

Говорејќи во интервју за телевизија Канал 5, премиерот рече дека Владата сè уште го нема добиено записникот од Советот на јавни обвинители и дека ќе се произнесе откако ќе го добие.
„Да зборуваме врз основа на документи и на факти, сепак сум претседател на влада не можам да изнесувам свои лични ставови. Да ги добиеме записниците и тогаш ќе се произнесеме“,
изјави Мицкоски.
На дополнително прашање дали сите четворица кандидати, вклучително и обвинителката Ленче Ристоска, која своевремено беше дел од згаснатото Специјално јавно обвинителство и која сè уште пред Судот застапува две обвиненија против ексфункционери на ВМРО-ДПМНЕ и самата партија, Мицкоски вели:
„Апсолутно не се сите во игра. Мојот став поврзан со тоа име е апсолутно дека тоа име не е во игра. Па еве, искатализиравме барем некаков одговор, од четворица, тројца се во игра.“
На почетокот на месецов, Ристоска во телевизиско интервју рече дека очекува да биде избрана за републичка обвинителка и дека затоа и конкурирала. Посочи дека на огласот се пријавила не за да ја нервира власта, туку затоа што смета дека има што да понуди во смисла на квалитет. Одлуката на Ристоска да се пријави на огласот за избор на нов државен јавен обвинител се случи во период на нејзин отворен конфликт со премиерот и лидер на владејачката ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.
