Претставниците на иницијативата укажале на потребата од поставување мерни станици за 24-часовно мерење на загадувачките супстанции, транспарентност за добиените податоци, како и усогласување со препораките на СЗО за граничните вредности на ПМ10 честичките
Со внимание ги следам сите активности насочени кон поздрава и побезбедна животна средина како врвен национален приоритет – им порачала претседателката Гордана Сиљановска-Давкова на претставниците на граѓанската иницијатива „Стоп за Усје“ за време на денешната средба.

Образложувајќи ги своите ставови за влијанието на цементарницата Усје врз квалитетот на воздухот и здравјето на луѓето, претставниците на иницијативата укажале на потребата од поставување мерни станици за 24-часовно мерење на загадувачките супстанции, целосна транспарентност за добиените податоци, како и усогласување со препораките на Светската здравствена организација за граничните вредности на ПМ10 честичките.
„Се согласивме дека животната средина е заедничка одговорност и стратешка определба, оти е неопходен континуиран дијалог меѓу граѓанските организации, институциите и стопанските субјекти заради креирање одржливи и долгорочни решенија, како и дека Собранието треба, согласно Деловникот, да ги отвори портите за нив во расправата за законите од областа на животната средина и вршењето на надзорната функција“,
порача Сиљановска-Давкова.
Граѓанската иницијатива „Стоп за Усје“ изминатиов период организира протести против аерозагадувањето во Скопје, чиј главен причинител го лоцираат во цементарницита Усје.
