„Наместо реформи Владата намерно отвора кавги со соседите, за да ја оправда изолацијата и да ги блокира преговорите. Се носат закони за правосудство кои не е во согласност со препораките на ЕУ. Води анти-ЕУ кампања со обвинувања дека Европа е виновна“, се вели во соопштението од опозицијата по изјавата на Вајц за годинешниот извештај за напредокот на државата
Извештајот на известувачот за Северна Македонија во Европскиот парламент, Томас Вајц, е уште една потврда дека власта ја турка државата во изолација, велат од опозицискиот Социјалдемократски сојуз (СДСМ), посочувајќи дека пораката од Брисел е јасна, а тоа е дека проширувањето може да се забрза, но само ако има вистински реформи и владеење на правото.

„Процесот на пристапување е сопрен. Ова не е оценка на опозицијата, туку официјален став од нацрт-извештајот. Во документот јасно се наведува дека нема напредок во владеење на правото, правосудните реформи и борбата против корупцијата. Пораката од Брисел е јасна. Проширувањето може да се забрза, но само ако има вистински реформи и владеење на правото. Со владата на Мицкоски, денес Македонија го нема ниту едното, ниту другото. Корупцијата и криминалот цветаат, секојдневно сме сведоци на криминални тендери“,
се вели во реакцијата од опозицијата.
Во продолжение, од партијата наведуваат дел од, како што велат, скандалите на власта, кои изминатиот период ги откриле, како тие за 161 тендер за една фирма, 51 тендер преку општините за друга фирма, 74 тендери за трета, 9 милиони евра за фирма со само двајца вработени, тендер 1,2 милиони евра за фирма блиска до ЗНАМ преку „Македонска пошта“.
„Поминаа 57 дена, а Обвинителството и Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) не презедоа ништо“,
велат од СДСМ.
Предупредуваат дека 71 отсто од граѓаните даваат поддршка за членство во ЕУ, што значи дека политиката на изолација на ВМРО-ДПМНЕ оди против народот.
„Наместо реформи Владата намерно отвора кавги со соседите, за да ја оправда изолацијата и да ги блокира преговорите. Се носат закони за правосудство кои не е во согласност со препораките на ЕУ. Води анти-ЕУ кампања со обвинувања дека Европа е виновна“,
пишува во реакцијата од опозицијата.
Според СДСМ, портпаролката на Владата, Марија Митева, потврдила дека премиерот управува со судовите со јавно изнесување информации од судски процес што сè уште трае.
„Мицкоски си поставува судии и обвинители под негова контрола. Сопруга на градоначалник на ВМРО назначија за член на Судски совет, сега советник на Мицкоски во Уставниот суд“,
велат од СДСМ.
Известувачот на Европскиот парламент за Македонија, европратеникот Томас Вајц, во годинешниот нацрт-извештај за напредокот на државата вели дека од суштинско значење за евроинтеграцијата на државата, особено во контекст на новата геополитичка реалност е сите политички актери, особено Владата, да даваат опипливи резултати во клучните реформски области.
Истовремено, додава дека Европската Унија и државите членки мора да ги исполнат своите обврски и преку активен дипломатски ангажман целосно да ја поддржат земјата во исполнувањето на реформските приоритети.
Овој нацрт-извештај, Вајц треба на 26 февруари да го презентира пред Комитетот за надворешни работи на ЕП (АФЕТ).
Според Вајц, Северна Македонија во моментот се наоѓа во тешка позиција бидејќи процесот на пристапување е сопрен.
„И покрај некои позитивни реформи, напредокот на реформската агенда на ЕУ е недоволен, особено во клучни области, како владеењето на правото, реформите во правосудството и борбата против корупцијата. Причини за тоа се изборната кампања, ограничените капацитети во јавната администрација и недостигот на долгорочна политичка посветеност“,
вели тој.
Во извештајот се наведува и дека не е постигнат напредок во однос на уставните измени поради стравувања од нови билатерални блокади или дополнителни барања од Бугарија. Поради тоа, Вајц вели дека е потребно и итно зголемување на политичката волја од двете страни за надминување на овој ќор-сокак.
