„Фактот што одлучија да ни дадат приоритет нам, на една помала држава, не толку значајна за американскиот пазар од економска гледна точка, треба за тоа да бидеме реални, е директен одговор на прашањето што значи оваа посебна релација и што значи ова стратешко партнерство со Вашингтон. Така што, јас се надевам на добар исход, самата заедничка изјава е пат кон тоа и верувам дека ќе донесе конкретни бенефити за претставниците на деловната заедница, а на крајот на денот и за нашата економија и за сите граѓани“, вели шефот на македонската дипломатија
Јас би рекол дека сме многу блиску до склучување договор, а самата заедничка изјава е потврда за тоа. Ова денеска го изјави шефот на македонската дипломатија, Тимчо Муцунски, прашан од новинарите кога може да се очекува формализирање на рамковниот договорот меѓу Македонија и Соединетите Американски Држави (САД) за реципрочна, фер и избалансирана трговија, за што Белата куќа минатата недела објави заедничка изјава.

Тој своите очекувања ги темели на искуствата што ги имале неколкуте држави со кои Соединетите Држави веќе склучиле вакви или слични договори, и каде што процесот се одвивал по тој редослед.
„Прво имаше заедничка изјава, па потоа доаѓавме до склучување договор, којшто и од меѓународноправна гледна точка значи и дополнителни внатрешни процедури“,
рече Муцунски.
Муцунски беше прашан, но не одговори конкретно, за тоа кои се тие 62 до 64 производи за кои се преговара за тарифите, за колку тие ќе бидат намалени и во кој временски период може да се очекува да се случи.
Шефот на дипломатијата избегна конкретен одговор бидејќи, како што наведе, преговорите се од доверлив карактер.
„Тоа што можам да го кажам во моментов, а не е од доверлив карактер, е дека највисоката тарифна рата ќе ни биде 15 проценти, што е пониско од огромен број држави не само во светот, туку и од огромен број држави и од регионот коишто сè уште имаат далеку повисоки тарифи од 15 проценти, а за неколку клучни производи и индустрии ќе има тарифни рати под 15 проценти“,
рече шефот на дипломатијата.
Во таа насока, тој наведе, дека ние веќе имаме производи што се извезуваат во Соединетите Американски Држави и кои имаат тарифи пониски од 15 проценти, што, додаде, значи дека се движиме во добра насока.
„Јас тоа го сметам како еден колективен успех на Владата, но факт е исто така, дека Соединетите Американски Држави во моментот преговараат со целиот свет по однос на едно вакво прашање. Фактот што одлучија да дадат приоритет на нас, една помала држава, не толку значајна за американскиот пазар од економска гледна точка, треба за тоа да бидеме реални, е директен одговор на прашањето што значи оваа посебна релација и што значи ова стратешко партнерство со Вашингтон. Така што, јас се надевам на добар исход, самата заедничка изјава е пат кон тоа и верувам дека ќе донесе конкретни бенефити за претставниците на деловната заедница, а на крајот на денот и за нашата економија и за сите граѓани“,
кажа Муцунски во изјава за медиумите пред почетокот на Македонско-словачкиот бизнис-форум што се одржува во Скопје.
Во однос на доверливоста на преговорите, тој рече дека таа мора да биде заштитена. Кога работата ќе биде завршена, рече тој, ќе биде објавен документ кој најверојатно ќе треба да помине и собраниска процедура.
„Така што сите ќе видиме што тоа значи за нас“,
додаде министерот за надворешни работи и надворешна трговија.
Прашан околу тарифите што американскиот претседател ги воведе минатата година, а од кои не беше изземена и Македонија, и дилемите што се појавија дали имаме суфицит во трговијата со САД и дали се загрозени одредени дејности, Муцунски кажа дека САД, како и ние, сакаат да го стимулираат својот извоз. Тој изрази оптимизам дека на американскиот пазар можеби ќе почнат да се извезуваат производи од Македонија кои засега не се застапени, но тоа, додаде, зависи од нашата политика на промоција на извозот.
„Соединетите Американски Држави, како и секоја држава, како и ние, сакаат да го стимулираат својот извоз, и ние сакаме да го стимулираме нашиот извоз, и од таа гледна точка тие преземаат мерки коишто ќе ги засилат на глобално ниво позициите на американскиот пазар на другите меѓународни пазари. Тоа што го гледам и по трендовите што ги имаме во последниот период, фактот што успеавме да дојдеме до едно вакво решение не наштети на голем дел од компаниите коишто од нашата држава извезуваат кон Соединетите Американски Држави, а ние комуницираме со голем дел од тие компании, точно е дека имаа предизвици, но сè уште успеваме стабилно да го држиме нивниот извоз кон Соединетите Американски Држави. А дали сметам дека има потенцијал за извоз на наши производи кон САД, нови производи што не се извезуваат сега, да, дефинитивно сметам дека тоа е возможно и дека тоа зависи од нашата политика на промоција на извозот“,
рече Муцунски.

Претходно, одговарајќи на новинарските прашања, тој наведе дека Министерството за надворешни работи и надворешна трговија го координирала и го водела процесот на преговори со Соединетите Американски Држави, но, како што истакна, од голема помош бил личниот ангажман премиерот Христијан Мицкоски, со неговите контакти во Вашингтон.
„Но, не можам а да не ги споменам големиот број мои колеги во Владата и нивните тимови – Министерството за финансии, Министерството за дигитална трансформација, Министерството за одбрана, Царинската управа, Министерството за земјоделство, Фондот за здравствено осигурување, Агенцијата за лекови и многу голем број други институции коишто активно ни помогнаа последните месеци во еден процес којшто е навистина сложен и предизвикувачки“,
рече шефот на македонската дипломатија.
Како што објави Белата куќа на 12 февруари, Соединетите Американски Држави и Република Северна Македонија постигнаа Рамковен договор за реципрочна, фер и балансирана трговија за зајакнување билатерални економски односи, што ќе им обезбеди на извозниците на двете земји проширен пристап до пазарите на другите.
„Договорот ќе ги зајакне нашите трговски односи, ќе ги поддржи заедничките стратешки интереси, ќе го промовира економскиот раст и ќе го продлабочи нашето трансатлантско партнерство“,
се наведува во зaедничката изјава.
