Опозицијата упати критики за економските политики на Владата, додека власта се бранеше со статистички податоци и најави за незголемување на платите на функционерите
„Со плата од 24 илјади денари не се купува ниту основната храна. Обврска на Владата е да донесе политичка одлука за интервентно зголемување на минималната плата во услови на ваква инфлација“, рече Тренчевска
„Зголемувањето на платата носи поголема продуктивност, тоа е во вашиот сектор, треба да знаете. Олигархијата не го прави своето богатство од што се иновативни, туку преку чиста аритметика на плаќање на најниска плата на нашите работници“, кажа Мециновиќ

Барањето за зголемување на минималната плата на 600 евра денеска беше една од темите за која се водеше расправа на собраниската седница на која пратениците од опозицијата поставуваа прашања до министрите.
Опозицијата упати критики за економските политики на Владата, додека власта се бранеше со статистички податоци и најави за незголемување на платите на функционерите.
Пратеничката Јована Тренчевска во своето излагање истакна дека за граѓаните денес е „луксуз“ да се наполни потрошувачката кошничка, која веќе надминува 66 илјади денари. Таа ја обвини Владата дека троши милиони евра за нов авион и службени патувања, наместо да ги насочи кон работниците.
„Ако скратите 20-30 отсто само од патни трошоци, репрезентација и службени возила, ќе обезбедите околу 120 милиони евра“,
рече Тренчевска потсетувајќи дека во мандатот на СДСМ минималната плата пораснала од 8 000 на 14 500 денари.

Министерот за економија и труд, Бесар Дурмиши, одговори дека Владата набрзо ќе донесе одлука за замрзнување на платите на избраните и именуваните лица. Тој ја обвини опозицијата за „политички маркетинг“ и посочи дека зголемувањето на платите мора да се темели на економски параметри и продуктивност.
„Според податоците на Евростат, куповната моќ во нашата држава е пред Турција, Црна Гора, Бугарија, Чешка, Естонија и Албанија. Затоа денес нема потреба да имаме политички маркетинг, но да дејствуваме институционално, со одговорност и со сигурни чекори. Ние не сме против зголемувањето на минималната плата, но таа треба да се зголеми врз основа на економските параметри. Треба да се зголеми кога ќе се зголеми продуктивноста, трудовата моќ“,
истакна Дурмиши.
Тој додаде дека инфлацијата во јануари е намалена за 0,7 отсто и дека веќе е постигнат договор за покачување на платите на околу 20 000 вработени во јавниот сектор.
Тренчевска не беше задоволна од одговорот, посочувајќи дека статистиката за инфлацијата не ја отсликува реалноста на најсиромашните. Таа наведе минатата година кои производи за колку проценти поскапеле.
„Со плата од 24 илјади денари не се купува ниту основната храна. Обврска на Владата е да донесе политичка одлука за интервентно зголемување на минималната плата во услови на ваква инфлација“,
кажа Тренчевска.
Околу зголемувањето на минималната плата прашање до министерот имаше и пратеникот од Левица Амар Мециновиќ.
Тој се надоврза на одговорот од Дурмиши кој рече дека за зголемување на платата треба да се зголеми и продуктивноста.
„Зголемувањето на платата носи поголема продуктивност, тоа е во вашиот сектор треба да знаете. Олигархијата не го прави своето богатство од што се иновативни, туку преку чиста аритметика на плаќање на најниска плата на нашите работници“,
рече Мециновиќ.

Мециновиќ праша зошто доколку нема пари не се зголемат даноците за фирмите што заработуваат од работниците.
„Овие фирми нема да умрат од зголемување на платите, но ако цел бизнис-модел им се заснова на плати за сиромаштија, дозволете им да умрат. Нека умрат фирмите кои не можат да дозволат достоинствени плати за граѓаните на Македонија. Вашето штитење носи недостоинствен живот. На нас семејствата ќе ни се распарчуваат бидејќи фирмите кои не можат да поднесат повисоки плати, вие ќе ги штитите? Ние тоа нема да го дозволиме. Ако умираат, нека умрат“,
рече пратеникот на денешната собраниска седница за пратенички прашања.
Мециновиќ го праша Дурмиши дали „конечно ќе признаете дека незголемувањето на минималната плата е ваш политички избор“ или до крајот на оваа седница ќе покренете иницијатива за нејзино зголемување на 600 евра.
Министерот во одговорот рече дека платите се зголемуваат системски врз основа на економските параметри и врз основа на продуктивноста за која рече дека е најниска во регионот.
„Ако имаме минимална плата со адхок одлука, за кое велиме дека е политичко барање, ќе се намали куповната моќ и ќе се зголеми инфлацијата“,
одговори Дурмиши.
Пратеникот Мециновиќ незадоволен од одговорот на Дурмиши рече дека министерот е портпарол на Стопанската комора.
„Ова е веќе класна војна, вие војувате против работниците. Гајле ви е за работниците. Како може да кажете дека ова се дневно-политички теми, за граѓаните ова е најважната тема, платата“,
додаде Мециновиќ.
