Дополнувајќи се во одговорот, тој кажа и дека во истрагата се отвораат нови перспективи и агли и дека се зголемува бројот на лица кои се вмешани, но повторно побара јавноста да биде трпелива во однос на деталите, кои, како што кажа, ќе бидат споделени наскоро
Премиерот Христијан Мицкоски вели дека во случајот со запленетата марихуана има приведени лица, но оти засега поради неговата обемност во јавноста не можат да се споделат повеќе детали.

Имено, денеска тој беше прашан од новинарите, дали е утврдено дека марихуана излегувала од Македонија и зошто сè уште нема приведени лица во врска со заплените.
„Па не би рекол дека нема никој приведен, но да бидеме трпеливи, сега засега тоа што е потребно да го споделиме со јавноста го споделуваме, сепак станува збор за огромна количина, не се наоѓаат секој ден 40 тони марихуана коишто се резултат на последиците на една несреќна влада којашто освен тоа што ја ограбуваше државата, својата економска политика ја темелеше на производство на дрога и ја распродаваше државата, пред сè нејзиниот национален интерес. Е сега, ние се справуваме со тие остатоци од едно несреќно владеење од седум години“,
рече премиерот.
Дополнувајќи се во одговорот, тој кажа и дека во истрагата се отвораат нови перспективи и агли и дека се зголемува бројот на лица кои се вмешани, но повторно побара јавноста да биде трпелива.
„Да почекаме, ќе споделиме многу брзо со јавноста како е, што е, кој е, каде е итн. бидејќи се отвораат нови аспекти, нови перспективи, се зголемува бројот на лица коишто се вмешани, се отвораат нови позиции, нови агли од коишто се набљудува оваа истрага, така што да бидеме трпеливи. Министерството за внатрешни работи покажа дека е прилично транспарентно, така што верувајте дека ќе ве информираат“,
кажа Мицкоски.
Акцијата во која беа запленети над 40 тони марихуана започна неколку дена откако во во соседна Србија тамошната полиција заплени пет тони марихуана кај Крушевац, тамошните истражни органи соопштија дека првичните наоди се оти дрогата е од Македонија.
Од Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК), кое заедно со МВР ја спроведуваше акцијата за заплена на канабис од повеќе правни лица во досега, само еднаш излезе со официјално соопштение за случајот. Оттаму на 9 февруари соопштија дека акцијата и натаму е во тек и дека се во комуникација со Обвинителството за организиран криминал на Србија за да се утврди евентуална поврзаност на случаите и потеклото на марихуаната.
Од македонското Обвинителство информираа и дека во континуитет се преземаат активности во соработка со МВР и Комисијата за одобрување на одгледување на канабис за медицински цели во рамките на Министерството за здравство, како и дека се сослушуваат и сведоци, со цел прибирање релевантни докази и факти за постапката.

Сумирано, од соопштението на ОЈО ГОКК можеше да се заклучи дека случајот е во фаза на предистрага. Во него не се споменуваа евентуално осомничени или приведени лица, а такви информации не беа објавени до денес.
Во меѓувреме, Владата на седница минатата недела на 10 февруари донесе одлука за спроведување вонредни контроли во сите правни лица и објекти кои имаат добиено лиценци за одгледување марихуана за медицински цели.
Два дена подоцна, министерот за здравство Азир Алиу информира дека Министерството за здравство, во соработка со МВР, започнало акција за вонредна контрола на сите 43 лиценци за производство на медицински канабис во земјата.
Заплената на марихуаната доби и политички димензии, а случајот и понатаму е повод за препукувања и обвинувања меѓу опозицискиот СДСМ и владејачката ВМРО-ДПМНЕ.
Од опозициската партија секојдневно одбројуваат колку дена Владата молчи и не кажува како марихуана од Македонија ја преминала државната граница и завршила во Србија.
„И после 18 дена нема одговор на најголемиот наркоскандал во Македонија и во целиот регион, како 5 тони дрога помина преку македонската граница? Над 65 илјади камери, скенери, гранични контроли, полиција, царина, а никој ништо не знае 18 дена. Како може да нема одговорност од никој за шверц на огромна количина дрога, вредна околу 40 милиони евра? Може само ако скандалот води до врвот на власта која што се обидува да го заташка и тоа веќе на сите им е јасно. Се обидоа и со дефокус за наводно 40 тони запленета нелегална марихуана да побегнат од одговорите и уште повеќе се заглавија“,
се вели во денешното соопштение од СДСМ.
Од ВМРО-ДПМНЕ, пак, обвинуваат дека канабисот се произведувал во фирми блиски до поранешниот претседател на СДСМ и експремиер Зоран Заев и актуелниот лидер на партијата, Венко Филипче, кои работеле со пропусти, а лиценците за одгледување канабис за медицински цели ги добиле во 2020 година.
Премиерот и лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Мицкоски, одговарајќи на новинарско прашање, кажа дека она што треба да се истражи покрај лиценците е донесувањето на правилникот со кој се дозволило да се одгледува канабис со послаб квалитет иако се знаело дека маслото што ќе се добие од него нема да може да се пушти во легална продажба.
