Во врска со поплавите од претходните денови во селата Чајлане, Буковиќ и Семениште, состојбата постепено се нормализира, посочуваат од ЦУК
Нивото на реката Вардар во Тетовско е намалено во однос на претходните три дена и во моментот нема опасност од излевање, а патниот правец од селото Тумчевиште до селото Чегране сè уште е затворен за сообраќај поради безбедносни причини, информираат од Центарот за управување со кризи (ЦУК).

Во врска со поплавите од претходните денови во селата Чајлане, Буковиќ и Семениште, состојбата постепено се нормализира, посочуваат од ЦУК.
На територијата на Кичево, како што велат, се очекува понатамошна стабилизација на состојбата. Нема пријави за одрони на магистралните патишта и сообраќајот се одвива редовно.
„Бројот на евакуирани лица останува непроменет – 250 лица (63 семејства), на кои редовно им се доставуваат храна, вода и неопходни средства. Екипа од Медицинскиот центар врши здравствени прегледи и им дава соодветни совети на евакуираните лица. Екипи на ЈП ‘Комуналец’ работат на расчистување и продлабочување на коритото на Зајашка Река, со поддршка од механизација на локални компании. Паралелно, се врши чистење на фекалната и атмосферската канализација. ТППЕ, со поддршка на пумпи од ПО ДЗС Кичево, продолжува со испумпување на водата од подрумите на улиците ‘Прилепска’, ‘Пиринска’, ‘Први мај’, ’29 Ноември’ и други локации на кои има пријави за поплавени објекти“,
нагласуваат од ЦУК.
