„Разговаравме за унапредување на билатералната соработка, заедничките приоритети и можностите за продлабочување на партнерството во области од заемен интерес“ – порача премиерот Христијан Мицкоски по средбата со в.д. амбасадорката на САД, Никол Варнс
Унапредување на билатералната соработка, заедничките приоритети и можностите за продлабочување на партнерството во области од заемен интерес. Ова биле темите на разговор на денешната средба на премиерот Христијан Мицкоски со в.д. амбасадорката на Соединетите Американски Држави во земјава, Никол Варнс.

„Денес остварив средба со вршителката на должност амбасадор на Соединетите Американски Држави, Никол Варнс. Разговаравме за унапредување на билатералната соработка, заедничките приоритети и можностите за продлабочување на партнерството во области од заемен интерес“,
објави Мицкоски на Фејсбук, додавајќи дека средбата поминала во дух на пријателство, отворен дијалог и заедничка заложба за понатамошно зајакнување на односите.
Северна Македонија и САД пред неколку дена постигнаа Рамковен договор за реципрочна, фер и балансирана трговија за зајакнување билатералните економски односи, што ќе им обезбеди на извозниците на двете земји проширен пристап до пазарите на другите. Договорот, како што објави Белата куќа, ќе ги зајакне трговските односи, ќе ги поддржи заедничките стратешки интереси, ќе го промовира економскиот раст и ќе го продлабочи трансатлантското партнерство на земјите.
