Летовите до двете нови дестинации, како што информираат од ТАВ Македонија, се планирани како сезонски линии, односно тие ќе се реализираат до 11 и 12 септември

Од средината на јули годинава од скопскиот аеродром ќе се лета до две нови дестинации во Италија.
Од 15 јули „Визер“ ќе лета од Скопје до Палермо на Сицилија. Втората нова дестинација е до Алгеро на Сардинија и овој лет почнува од 18 јули.
Летовите од Скопје до Палермо ќе бидат три пати неделно, и тоа во понеделник, среда и во петок, а цените почнуваат од 29,99 евра. Авиолинијата до Алгеро ќе биде два пати неделно – во вторник и во сабота по цени од 39,99 евра.
Летовите до двете нови дестинации, како што информираат од ТАВ Македонија, се планирани како сезонски линии, односно тие ќе се реализираат до 11 и 12 септември.
Од ТАВ Македонија додаваат дека новите линии од Скопје до Палермо и до Алгеро претставуваат директна поврзаност со две атрактивни медитерански дестинации, познати по својата туристичка понуда, културно наследство и економско значење.
„Палермо и Алгеро се места што ја одразуваат душата на Италија. Во Палермо на Сицилија посетителите ги очекува богата историја, импресивни палати, катедрали и живописни пазари, нудејќи незаборавно патување низ културата и вкусовите на Сицилија. Во Алгеро на Сардинија, пак, туристите ќе можат да уживаат во мирот на средновековните улици и прекрасните морски пејзажи“,
се вели во соопштението.

Министерот за транспорт Александар Николоски, во објава на својот фејсбук-профил, најавува зголемување на бројот на летови и патници и на постојните авиолинии. Исто така, се очекува од скопскиот аеродром да се лета со авион од најновата класа на „ербас А321 нео“.
Николоски додава дека ова се линии што ќе оперираат во летната сезона и за нив не се предвидени субвенции, што, според него, е квалитет плус и показател дека комерцијално сè повеќе ќе има интерес за скопскиот аеродром.
Со почетокот на летниот ред на летање, кон крајот на март, скопскиот аеродром ќе ја прошири својата мрежа на линии со уште две нови релации – кон Будимпешта и Неапол, додека охридскиот аеродром ќе добие нова линија до Милано. Во мај, „Аустриан ерлајнс“ ќе започне со летови од Охрид до Виена, а во јуни, „Визер“ ќе воведе уште две нови линии од Охрид до Катовице и до Вроцлав.
Летовите од Скопје до Неапол и до Будимпешта од скопскиот аеродром ќе стартуваат на 30 март, а ќе се реализираат секои понеделник, среда и петок.
Летовите од охридскиот аеродром до сите три дестинации ќе се одвиваат два пати неделно, до Милано ќе стартуваат, исто така, на 30 март, додека за Вроцлав на 7 јуни, и за Катовице на 8 јуни.
Летовите од Будимпешта и од Неапол до скопскиот аеродром почнуваат од 6 април, а до охридскиот аеродром, пак, од 28 јуни ќе се воведат летови од Катовице, Вроцлав и Милано.
