Според д-р Лидија Симоноска од ЦЈЗ Охрид, иако матноста на водата од струшкиот водовод е значително намалена, сè уште е над дозволеното ниво, а нејзините очекувања се до петок да се спушти во границите на дозволеното

Центарот за јавно здравје (ЦЈЗ) Охрид информира дека се намалува матноста во изворот во селото Шум од каде што Струга и околните села се снабдуваат со вода, но таа сè уште е над дозволеното ниво и поради тоа продолжува забраната за секаква употреба.
Денешните мерења на Центарот за јавно здравје – Охрид покажуваат 3,62 отсто матност на мострите од изворот Шум. Во градот матноста се движи од 3,69 до 2,75 процента, а најниска е во селата Заграчани – 1,98 и Ложани – 1,93 отсто.
Според д-р Лидија Симоноска, специјалист по хигиена и здравствена екологија во Центарот за јавно здравје – Охрид, за да биде дозволена за користење, максималното ниво на матноста треба да е 1,5 процент.
„Матноста на водата од струшкиот водовод иако е значително намалена, сè уште е над дозволеното. Десетпати е пониска од проверката на првите мостри земени на 9 февруари. Очекувам до петок да се намали, односно да е во границите на дозволеното“,
вели Симоноска.
Водата од струшкиот водовод една недела е забранета за секаква употреба поради многу висока заматеност на изворот Шум и на сите мерни места во градот. Првите мостри земени од изворот Шум на 9 февруари покажале 28,56 проценти матност, мострите од 11 февруари 10,17 отсто, а на 13 февруари била намалена на 7,3 проценти.
Основното јавно обвинителство Струга оформи предмет за да се испитаат причините и евентуално сторените кривични дела против животната средина и природата по енормното загадување на водата за пиење и за основни животни потреби.
Градоначалникот Менди Ќура најави дека приватна институција ќе ги утврдува причините што довеле до високо ниво на заматување на изворите на Шум.
