Нивото на реките во Кичевско е намалено, а состојбата во градската болница, чии подрумски објекти беа поплавени, се нормализира. Евакуирани се 250 лица (62 семејства), на кои им се доставува храна, вода и неопходни средства
Како последица на обилните врнежи, во Тетово и Полошкиот Регион се регистрирани поголем број свлечишта, информираат од Центарот за управување со кризи (ЦУК).
Во Тетово има пријава за паднат потпорен ѕид врз семејна куќа на улица „146“. Свлечиште е евидентирано на патот кон Попова Шапка, на околу 150 метри од жичарата, но нема опасност за околните станбени објекти. Големо свлечиште има и на улица „195“, на патот од село Џепчиште кон село Џермо. Свлечиште има и на улица „Прохор Пчински“. Во тетовското село Вејце пријавено е свлечиште над куќа со веќе постоечки оштетувања од земјотресот.

„Во Желино, Вардар се излеа во село Стримница, при што се поплавени пет куќи. Поради конфигурацијата на теренот, пристапот за интервенција е отежнат. Во Општина Теарце пријавени се поплавени подрумски простории во село Теарце. Известени се надлежните институции. Во Општина Јегуновце поплавен е локалниот пат од село Сиричино кон село Јегуновце. Општината испрати механизација и се очекува нормализирање на сообраќајот“,
информираат од ЦУК.
Состојбата во Гостиварско се стабилизира, а реките во селата Лакавица, Беловиште, Мало Турчане и Балиндол се повлечени во своите корита. Во гостиварско Форино, каде што се излеа Вардар, водата е повлечена од улиците, но и натаму е во тек испумпувањето на водата од поплавените околу 200 куќи.
Се стабилизира и состојбата во Кичевско. Нивото на реките е намалено, а состојбата во градската болница, чии подрумски објекти беа поплавени, се нормализира.
„Евакуирани се 250 лица (62 семејства), на кои им се доставува храна, вода и неопходни средства. Екипите на Јавното претпријатие ‘Комуналец’ и ТППЕ вршат испумпување на водата од подрумите на улиците ‘Прилепска’, ‘Пиринска’, ‘Први Мај’ и ’29 Ноември’, како и кај домовите покрај реките Треска и Зајашка. Поплавени се и земјоделски површини покрај речните корита во општината“,
велат од Центарот за управување со кризи.
Во Кумановскиот Регион во моментов нема опасност од излевање на реките, водостојот е намален, а водата е повлечена во коритата. Пријавени се поплави на земјоделски површини, а во кумановската населба Бедиње е однесен дрвен мост од надојдена река.
Во Скопје е пријавена надојдена вода кај мостот во Јурумлери меѓу Аеродром и Гази Баба, како и минимално излевање на реката Вардар кај село Пакошево-Ново Село, во Општина Зелениково.
