Ивановски очекува месеци на посериозна оперативна активност и видлив прогрес на изградбата на пругата
Директорот на Јавното претпријатие „Македонски железници – инфраструктура“, Синиша Ивановски, денеска на својот фејсбук-профил објави фотографии и видео од пробивање на последниот од вкупно 15-те тунели на железничката делница од Бељаковце до Крива Паланка.
Ова, како што посочи, е вториот дел од градбата на пругата кон Бугарија.

„Бележиме прогрес. Пробивањето на тунелите се смета за една и од поспецифичните градежни активност. А на овој проект оваа позиција веќе е завршена“,
напиша Ивановски на Фејсбук.
Иако, како што вели, моментниот прогресот од страна на изведувачот не е на посакуваното ниво, сепак, додава дека најспецифичните сегменти од проектот полека се надминуваат.
„Очекувам месеци на посериозна оперативна активност и видлив прогрес“,
вели тој.
Според него, Коридорот 8 е од стратегиско значење за Македонија и НАТО и како таков се работи на неговата изградба и поврзување на Јадранското со Црното Море.
Вицепремиерот и министер за транспорт на земјава, Александар Николоски, минатата година најави оти очекува на почетокот на оваа да биде објавен тендерот за третата фаза од проектот за железничко поврзување со Бугарија.
Тој и неговиот бугарски колега Гроздан Караџов на 6 ноември го потпишаа Договорот за подготовка, изградба и оперативност на меѓуграничниот железнички тунел помеѓу Македонија и Бугарија, со што двете земји ги дефинираа активностите и меѓусебните обврски за изградба на меѓуграничниот железнички тунел на Коридорот 8.
Тогаш најави дека ќе го покани Караџов во Македонија на завршувањето на пругата од Бељаковце до Крива Паланка, како и на отпочнување на градежните работи на пругата од Крива Паланка до границата.
