Теренските контроли, како што вели министерот за земјоделство, ќе се спроведуваат бидејќи постојат корисници на субвенции кои воопшто не ги обработуваат површините
Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Цветан Трипуновски, најавува заострување на критериумите за добивање субвенции во земјоделството и засилени теренски контроли на корисниците на финансиска поддршка. Контролите, како што вели, нема да бидат тенденциозни, туку ќе се спроведуваат бидејќи се евидентирани корисници на субвенции кои воопшто не ги обработувале површините.

„Нелогично е да имаме милиони евра поддршка, а да бележиме пад на производството. Се покачуваат минималните критериуми за користење субвенции зашто сакаме да ги стимулираме вистинските, активни земјоделци. Кај нив треба да дојде поддршката“,
рече Трипуновски на денешниот брифинг со новинарите.
Во однос на условите за добивање на субвенциите, Трипуновски викендов изјави дека со новата програма е предвидена минимална површина од 0,5 хектари за да се оствари правото на финансиска поддршка. Целта, како што рече, е дополнително да се зголеми земјоделското производство, особено на винските сорти грозје, од кои потоа ќе се произведе квалитетно македонско вино што ќе се продава на странските пазари.
