Во текот на вечерва и ноќва ќе се задржи високиот водостој во Вардар и во Треска

Податоците од хидролошките станици укажуваат дека во горниот дел од течението на реката Вардар, како и на реката Треска, сè уште има опасност од излевање поради високите водостои.
На останатите реки во западните делови каде имаше регистрирано зголемувања, водостоите се во постепено опаѓање кое се очекува да продолжи и до крајот на денот, информираат од Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР).
Во текот на вечерва и ноќва ќе се задржи високиот водостој во Вардар и во Треска.
„Поради големите води и брзини на течење на водата во река Треска, можат во опасност да бидат дел од времените мостови по течението на реката“,
предупредува УХМР.
На истокот од земјата состојбата е мирна и единствено посериозно зголемување на водостојот имаше во крајниот долен дел од сливот на река Струмица како резултат на зголемените притоки во тој дел, каде имаше обилни врнежи изминатиов ден.
Од УХМР информираат дека во текот на ноќта и утре изутрина се очекува зголемување на водостојот на река Вардар во средниот дел од течението и предупредуваат на внимателно движење покрај реките и суводолиците низ земјата.
