„Моите мислења во вештиот наод се врз основа на доставената медицинска документација и европските и светските протоколи за лекување. Моето мислење не го менувам“, одговораше вештакот Маја Равник на вкрстените прашања на одбраната
На денешното рочиште од продолжението на судскиот процес за случајот „Онкологија“, вештото лице од Медицинскиот факултет „Марибор“, Маја Равник, одговараше на низа вкрстени прашања од одбраната на обвинетите – поранешниот медицински директор на Клиниката за радиотерапија и онкологија, Нино Васев и уште двајца лекари онколози. Равник појасни дека нејзиниот стручен наод е изготвен исклучиво врз основа на доставената документација за секој пациент и дека стручните мислења ги темели на податоците што формално ѝ биле доставени од надлежните органи во земјава. Од друга страна, одбраната настојуваше да покаже дека вештото лице можеби работело врз основа на нецелосна документација, без да ги земе предвид националните протоколи и реалните услови во македонското здравство, пренесе МИА.

Сведокот, односно вештото лице од Словенија, втор ден повеќе од седум часа одговараше на вкрстени прашања на одбраната на обвинетите.
„Моите мислења во вештиот наод се врз основа на доставената медицинска документација и европските и светските протоколи за лекување. Моето мислење не го менувам“,
беше најчест одговор на вештакот.
На прашања од одбраната на второобвинетата во предметот, Симонида Црвенкова, со кои се сугерираше дека нејзиното мислење за третманот на повеќе пациенти се темели исклучиво на медицинска документација доставена од надлежниот јавен обвинител, и дали дополнително побарала да ѝ биде доставена целосна документација за третманот на пациентите, Равник одговори дека таа и нејзините соработници сметале оти им била дадена целосната документација.
„За целокупната документација, односно за сите случаи побарав оригинална документација за да имам увид во сите документи, кои беа кај секој пациент во папката. Сметам и претпоставувам дека ми е врачена целата документација од одделот каде е воден пациентот и врз основа на таа документација мислам дека можам да дадам стручно мислење“,
кажа сведокот.
Прашана дали имала предвид дека Црвенкова постапувала по валидни протоколи од Министерството за здравство на Македонија кои важеле во тој период, вештото лице одговори дека се држела до протоколите од европската и светската онколошка стручна јавност.
„Како што досега во текот на излагањето беше кажано, националните препораки се надоврзуваат и на европските и светските протоколи и доколку лековите не се индицирани за определен дел од лекувањето, тоа не можат да го заобиколат ниту националните. Се држев до протоколите од европската и светската онколошка стручна јавност. Како што ми беше посочено сега, очигледно е дека протоколите во Македонија последните десет години не се осовременети“,
рече сведокот.
Во врска со тоа дали во стручниот наод и мислење се земени и докази и наоди од други клиники, таа одговори дека мислењето го дала исклучиво на дадената документација.
„Мислењето можев да го дадам исклучиво на дадената документација која содржеше можеби и прегледи во други установи, како во Македонија, така и други држави, но доколку тие не беа доставени во официјалната документација, во однос на тоа не би можела да се изјаснам“,
наведе сведокот.
На прашањето дали била запозната дека третманот на кој се повикува со европските протоколи воопшто не соодветствува со националните препораки и капацитети за лекување на Клиниката и одобрените протоколи за третман од здравствените авторитети на Македонија, кои поради недостаток на потребните и скапи терапии лекарите биле принудени да применуваат достапни и расположливи лекови, вештото лице одговори дека е свесна оти секоја држава има тешкотии со достапноста.
„Националните препораки во секоја држава се потпираат на европските и светските протоколи. Свесна сум дека секоја држава при имплементација на одредени лекови има тешкотии со достапноста бидејќи се работи за исклучително скапи лекови. Затоа во таков случај доколку нема достапни лекови, речиси основна должност на онкологот е да овозможи соодветно лекување. Јас не би рекла алтернативно лекување, туку овој друг новодостапен лек мора да биде со индикации за лекување на рак и тоа не ја оправдува употребата на неиндициран лек“,
изјави сведокот.

Во врска со тоа дали доколку нема соодветни лекови и услови за палијативен третман согласно европските стандарди, нема да му даде на пациентот никаков лек за ублажување на болките, иако знае дека неговиот живот е при крај, таа одговори дека палијативната нега и медицина се нешто што треба да го знае секој доктор.
„Жал ми е, но морам да кажам дека ова прашање изразува длабоко неразбирање што всушност значи палијативен третман“,
кажа Равник.
Во таа насока, вештакот појасни дека тоа прво значи ублажување на болките и може да се користи од првиот ден откако ќе биде докажана метастаза на карциномот. Притоа, како што додаде, се користат лекови што ги ублажуваат болките од болеста.
„Палијативната нега и медицина не се нешто специфично и тоа мора да го владее и знае секој доктор, не само онколог. Да објаснам, ако ве боли глава добивате нешто за главоболка, тоа е палијативна нега. Затоа не зборувам дека кога пациентот е во така тешка состојба да не му дадеме лекови против болка никако, туку да престанеме со лекување што дополнително го влошува квалитетот на животот на пациентот иако знаеме дека нема ефект на самото преживување“,
кажа сведокот.
Претходно Равник одговараше на прашања и од обвинетиот Нино Васев, кој се осврна на тоа дали на вештакот му е познато дека пациент имал ќерка во Германија и е лекуван по терапија од онколог од Германија, на што сведокот одговори дека не знае, и дека таква информација немало во вештачената документација.
„Во документацијата нема ниту еден запис дека пациентката се води или лекува во друга држава и нема ниту една белешка во документацијата, така што овие информации во примената документација не беа ниту еднаш забележани“,
рече Равник.
Прашања од обвинетиот Нино Васев
Обвинетиот Васев, исто така, праша дали вештакот знае дека за пациентка која се лекува на Клиниката за радиотерапија и онкологија од 2007 година, во вештачената медицинска документација од нејзиното лекување има документација што почнува од 2015 година, и дали е важно што тој пациент бил на клиниката осум години претходно, Равник рече дека се водела само од добиената документација.
Во однос на наведниот податок, вештакот кажа дека тој не би влијаел на даденото мислење.
Вештото лице Маја Равник од Медицинскиот факултет во Марибор, Словенија, и вчера повеќе од осум часа одговараше на вкрстени прашања на одбраната на поранешниот медицински директор на Клиниката за радиотерапија и онкологија, Нино Васев, а кои беа во насока на конкретните лекови и дози што се давале и нивната усогласеност со одредени студии и протоколи. Исто така, и прашањата што беа упатени вчера до вештакот одеа во насока на тоа какви се националните протоколи, состојбата и достапноста на онколошките лекови, како и за конкретни делови од документацијата врз која таа го темели своето вештачење за одредени пациенти.
Инаку, Равник на барање на Обвинителството направи вештачење на медицинската документација за лекувањето на вкупно 51 на Клиниката за онкологија.
Одговарајќи на прашања на Обвинителството, претходно таа истакна дека кај некои од пациентите била воведена имунотерапија, без претходна молекуларна анализа, што, според неа, е несоодветно и довело до прогресија на болеста. Во сведочењето беа наведени и примери во кои пациентите примале лекови што немаат индикации за конкретниот тип карцином, како и случаи на давање хемотерапија во крајна фаза на болеста.
Предметот се наоѓа во доказна постапка, а го води судијката Снежана Марковска. Застапник на обвинението е јавната обвинителка на Основното јавно обвинителство Скопје, Ана Гоговска-Јакимовска.
Во согласност со најавената динамика, кон крајот на март ќе треба да почне сослушувањето вешти лица од Србија, кои исто така работеле на медицински вештачења за Обвинителството.
Поранешниот директор на Клиниката за онкологија, Нино Васев, и уште двајца онколози – Симонида Црвенкова и Драган Јакимовски, вработени на Клиниката за радиотерапија и онкологија – Скопје, се обвинети за несовесно лекување пациенти. Постапката почна против уште еден онколог, второобвинетата Мери Пешевска, која призна вина и судот ја осуди на две години условна казна затвор.
Обвинението ги товари лекарите за продолжени тешки дела против здравјето на луѓето и несовесно лекување, при што кај 29 пациенти биле применети неподобни терапии, со отстапувања во дозирањето и без соодветна процена на здравствената состојба.
Покрај овој предмет, против Васев и поранешниот економски директор на Клиниката, Нехад Нухи, се води судски процес, во јавноста познат како „Онкологија 2“, во кој тие се товарат дека во периодот од 2018 до 2022 година незаконски набавувале лекови, ги прикривале преку фиктивни тендери и присвојувале дел од терапијата, со што го оштетиле државниот буџет за речиси 36 милиони евра.
