„Горд сум што договорот ќе значи поблиски економски врски помеѓу двете држави и двата народи, но покажува и силна посветеност на Македонија во реализација на Коридорот 8“, порача вицепремиерот и министер за транспорт
Вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски информира дека Народното собрание на Бугарија денеска го ратификува Договорот со Македонија за изградба на меѓуграничен железнички тунел на Коридорот 8.

„Договорот во декември беше ратификуван и во македонското Собрание, со што се исполнети сите услови за доизградба на железничкото поврзување помеѓу Скопје, Софија и Бургас. Горд сум што договорот ќе значи поблиски економски врски помеѓу двете држави и двата народи, но покажува и силна посветеност на Македонија во реализација на Коридорот 8 кој е исклучително значаен безбедносен коридор од висок интерес на НАТО и нашите стратешки партнери“,
соопшти Николоски на Фејсбук и додаде дека паралелно се работи на развивање и на Коридорот 10.
Вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски и неговиот бугарски колега Гроздан Караџов во ноември лани во Ѓуешево го потпишаа Договорот за подготовка, изградба и оперативност на меѓуграничниот железнички тунел меѓу Македонија и Бугарија, кој е дел од пругата на Коридорот 8. Со тоа, двете земји ги дефинираат меѓусебните обврски за изградба на тунелот чија проектираната должина е околу 2,4 километри, од кои 1,2 километри се на територијата на Македонија, а другите 1,2 километри на Бугарија.
Потпишувањето на договорот тогаш го поздравија челниците на Европската Унија, оценувајќи дека претставува голем чекор во соработката меѓу двете земји и промовира добрососедски односи.
