Во наредниот период „360 степени“ ќе пренесе неколку текста за ситуацијата во Украина изработени во рамките на „The Reckoning Project“ – глобален тим од новинари и правници што документира, објавува и изготвува случаи за воени злосторства на Русија во Украина
Втора од серијата стории што ќе ги реобјавиме е за украински деца принудени да растат на териториите окупирани од Русија. Како тие се справуваат со ситуацијата додека нивниот идентитет систематски се брише
Михајло Лебедев имал само 16 години кога Русите го зазеле неговиот град по немилосрдната тримесечна кампања на бомбардирање во која беа срамнети со земја станбени области, болници, училишта и универзитети, притоа убивајќи десетици илјади жители. Како сирак на Михајло му било забрането да ја напушти својата приватна старателка бидејќи бил малолетен.
„Мариупол беше како друг свет. Можевте да видите луѓе како одат со задоволни лица и бевте среќни само да чекорите по улица. А, сега во градот речиси и да нема луѓе и гледате дека сè е уништено“,
се присетува Михајло.
Тој одел во осмо одделение во мариуполското училиште бр. 38. За време на руската окупација бил накратко принуден да учи во друго училиште бидејќи неговото било едно од околу 52 оштетени или уништени училишта во градот. Неговото училиште подоцна било обновено и децата се вратиле. Сепак, околностите биле сосема поинакви.
Тинејџерот вели дека во училиштето бр. 38 веќе не се предавал украинскиот јазик, а била распространета руската пропаганда. Учебниците биле заменети, а наставниците биле принудени да зборуваат за тоа како Руската Федерација дошла да ги „ослободи“ Украинците.

„Украина е лоша, Русија дојде да ве ’ослободи‘, сега сè ќе биде добро, сè ќе биде прекрасно“, велеa. Во меѓувреме Русите поставувале артилериски позиции во училишниот двор за да пукаат во украинските војници (што несомнено создало дополнително ниво на психолошки стрес и кај наставниците и кај учениците).
„Руската војска влезе во училишниот двор. Таму имавме огромно поле – донесоа тенкови и оклопни транспортери и почнаа да го гранатираат ‘Азовстал’“,
вели Михајло.
Сестрата на Михајло, Анастасија Лебедева, го замолила Антон Билај, директор на колеџ во Мариупол, да му помогне на нејзиниот брат да замине. Тој контактирал со невладината организација „Украинската мрежа за правата на детето“ и украинското Министерство за реинтеграција на окупираните територии и заедно му помогнале на момчето да ја напушти окупираната територија. Тој пристигнал во Хмелницки на Бадник 2023 година.
Михајло е само еден од многуте украински тинејџери кои му се спротивставија на рускиот систем на индоктринација и заплашување на окупираните територии и успеаја да се вратат во слободна Украина. Тројца од овие бегалци ги споделија своите сведоштва со „The Reckoning Project“. Тие дадоа дополнителни информации за природата на руската индоктринација во училиштата, како на привремено окупираните територии така и во самата Русија.
Системот на окупација
Русија систематски и намерно се обидува да ја избрише самата идеја за украинскиот национален идентитет и култура. Ова е случај на окупираните територии на Крим и Донбас од 2014 година, а се прошири на пошироко подрачје по целосната инвазија во 2022 година. Окупаторските власти јасно вршат дела забранети со меѓународното право – вклучувајќи ја и Конвенцијата за геноцид – како што е присилното префрлање. Децата се подложени на овие руски методи чија цел навидум е уништување на нивната национална група, а тоа никаде не е толку очигледно како во руските кампањи за превоспитување.

На привремено окупираните територии на Украина, Русија намерно ги брише украинскиот јазик, култура и идентитет, истовремено промовирајќи култ на војната, глорифицирајќи го поранешниот СССР (во училиштето бр. 65, кое Русите го уништија, па повторно го изградија, окупаторите подигнаа голем споменик на Ленин) и поставувајќи наставници кои често ги малтретираат украинските ученици (од 2014 година руската пропаганда ги нарекува Украинците „нацисти“). Училишните администрации брзо се обидуваат да ги искоренат сите траги на украинскиот идентитет наметнувајќи го рускиот како јазик на кој се одвива наставата. Извештаите од наставниците доставени до „The Reckoning Project“ укажуваат на тоа дека едукаторите на привремено окупираните територии биле изложени на екстремни форми на заплашување за да бидат принудени да ги исполнат образовните барања на окупаторските власти.
Во меѓувреме руската државна пропаганда континуирано ги дехуманизира Украинците, негирајќи дека нивниот национален идентитет е воопшто посебен од оној на Русија – сето тоа додека се обидува да ги избрише токму аспектите што го прават различен. Клучен дел од руската принудна тактика е насилството: заканата со насилство и подготвеноста за негово користење. Руските комори за мачење во Херсон, во Јужна Украина, во 2022 година биле дел од „подготвен план за тероризирање, потчинување и елиминирање на украинскиот отпор и уништување на украинскиот идентитет“, се наведува од еден меѓународен конзорциум.
Масовното киднапирање на украински деца од страна на Русија е широко познато, за што и рускиот лидер Владимир Путин и руската комесарка за правата на децата Марија Лавова-Белова се барани од Меѓународниот кривичен суд за незаконска депортација и трансфер на десетици илјади украински деца во Русија. Во август се дозна дека Русија создала каталог на украдени украински деца за руски семејства да ги посвојат (и „русифицираат“), од кои многу останале сирачиња кога Русија ги убила нивните родители.
За жал, некои податливи млади луѓе кои растат на привремено окупираните територии и биле превоспитувани од Русија се принудени и изманипулирани да се борат за оние што им го уништиле животот, со многубројни извештаи за киднапирани деца кои се подготвуваат за борбени улоги. Еден соговорник на „Reckoning Project“, роден во градот Харцизк, Донецка Област, завршил училиште во 2020 година, кога областа веќе била под руска окупација. Морал да учи руски јазик и предмет со наслов Историја на татковината, а украинскиот јазик бил отстранет од наставната програма по шестото или седмото одделение. Тој бил испратен на фронт во почетокот на 2024 година, и покрај уверувањата дека нема да биде ангажиран во борбени мисии.
Ова се само примери за обидот на Русија да го истисне секое чувство на украинство од младите во земјата за да ги унапреди своите долгорочни империјални амбиции. Русија не ги разви целосно своите методи на угнетување само од кампањите за убиства, затворање, депортација и глад на СССР. На крајот на краиштата, обидите на Москва да ги искорени и потчини народите на нејзината периферија траат со векови: царска Русија ги забрани сите публикации на литвански јазик со латиница уште во 1800-тите како дел од својата кампања за искоренување на националниот идентитет и туркање на политиката на русификација за да обезбеди културна асимилација. Во 1920 и 1930 година присилното гладување на Украинците резултира со смрт на милиони луѓе, што придонесе Рафаел Лемкин да го создаде концептот за геноцид.

Рускиот стратегиски документ потпишан од Путин и објавен на 25 ноември експлицитно ги изложи намерите на земјата да ги принуди оние што се наоѓаат на привремено окупираните територии да станат Руси, со усвојување „дополнителни мерки за зајакнување на севкупниот руски граѓански идентитет“. Целта е да се обезбеди „не помалку од 95 проценти“ од населението на земјата да се идентификува како руско до 2036 година (Русија тврди дека источноукраинските земји што ги нападна се нејзини „историски територии“).
„Сакам украински пасош“
Соочувајќи се со овие притисоци во училиште, Михајло исто така бил исцрпен и од неговиот тежок живот каде што главна била неговата проруска старателка.
„Кога дојдоа руските власти, таа почна да ми вели дека Руската Федерација е многу добра, дека Украина и Америка наскоро ќе ги снема“,
вели Михајло.
Тешко му било да поверува. Кога Русите го уништија Мариупол, тој го изгуби и единственото преостанато семејство во близина – неговите две постари сестри успеаја да побегнат во Западна Украина. Потоа, во 2023 година, неговото училиште почнало да бара да ги промени украинските документи за руски, што повторно го довело во конфликт со неговата проруска старателка.
„Таа сакаше да ги смени документите во руски, но не можеше да го направи тоа без мене. Но, знаеше дека имам сестри кои заминаа за Украина и ја знаеше мојата позиција. Кога почна да зборува за менување пасоши, ѝ реков категорично: ’Не, нема да го сменам. Сакам да имам украински пасош‘“,
вели Михајло.
Старателката му се заканила со полиција, а училишната администрација му се заканила дека ќе му го одземе свидетелството за деветто одделение. Михајло се присетува дека соучениците вршеле притисок врз другите деца да ѝ се приклучат на Младата гарда на руската владејачка партија Единствена Русија.
Подложен на психолошка злоупотреба дома, малтретирање од наставниците во училиште, лекции „загадени“ со руска пропаганда и притисок од врсниците, Михајло природно имал многу, многу тежок период и почнал да бега од часови. Неговото психолошко здравје се влошило и тој се присетува дека станал многу изморен. „Не сакав да останам во таа куќа“, вели тој. Во очај, се запишал во локален стручен колеџ, каде што можел да живее во интернат.
Децата како Михајло не се кршат така лесно – нивната возраст, патриотското воспитување, искуствата и сеќавањата од пред окупацијата и пристапот до интернет работат во нивна корист (иако пристапот до надворешни медиуми е сè потежок бидејќи украинските интернет-провајдери се заменети со руски еквиваленти). Понекогаш руските системи на индоктринација го поттикнуваат токму она што се обидуваат да го спречат, зајакнувајќи ги патриотизмот на тинејџерите и љубовта кон нивниот мајчин јазик.
Членот 50 од Четвртата женевска конвенција од 1949 година, на која СССР беше потписник, предвидува дека окупаторските сили треба да обезбедат децата што се сираци или одвоени од нивните родители да бидат образовани „ако е можно, од лица со нивна националност, јазик и религија“. Русија, која се смета за држава наследничка на СССР, сè уште е обврзана со обврските наведени во овој договор – обврски кои очигледно не ги исполнува. Русија исто така е дел од Конвенцијата за правата на детето. Членовите 28 и 29 наведуваат дека државите членки мора да го признаат правото на детето на образование и „да обезбедат образованието да поттикнува почит за културниот идентитет, јазикот и вредностите на земјата на потекло на детето“. Русија не го почитува ниту ова.
„Не сум должен да стојам под ова знаме“
Валерија Халич и нејзината мајка Наталија беа разделени една и пол година, првично како резултат на руската окупација на селата во Источна Украина, а потоа кога нејзиниот проруски татко ги принудил девојчето и нејзиниот постар брат да заминат за Белгород, Јужна Русија, каде што се запишале на локални колеџи. Два дена пред руската целосна инвазија, Наталија ги однела своите деца во куќата на нејзината свекрва во селото Јами, Луганска Област, верувајќи дека таму ќе бидат побезбедни отколку во нивниот роден град Северодонецк, во кој таа се вратила. Јами бил брзо окупиран и Наталија морала да се качува по висококатници додека градот бил под оган за да комуницира со своите деца. Претрпела две контузии и една рана во нејзините обиди да стигне до нив, а на крајот изгубиле контакт.

Децата оделе во локално училиште две недели, каде што Валерија вели дека украинските учебници биле заменети со руски и биле принудени да ја научат химната на воспоставената од Русија – „Луганска народна република“ (ЛНР), додека руската историја и рускиот јазик биле додадени како задолжителни предмети. Украинската историја била отстранета од наставната програма, а украинскиот јазик бил ограничен само на десетто и единаесетто одделение. Во училиштето биле истакнати знамињата на таканаречената ЛНР, Руската Федерација и знамето на победата на Црвената армија. Подоцна, децата биле префрлени на учење на далечина.
Во август 2023 година таткото на децата, Олексиј Халич, пристигнал од Полска, извадил руски пасоши за својот син и ќерката и ги однел во Белгород, Русија. Наталија Халич вели дека нејзиниот поранешен сопруг претходно се борел за ЛНР, која Украина ја смета за терористичка организација. Валерија не сакала да оди. Плачела и молела да биде испратена на териториите контролирани од Украина. Сепак, нејзиниот татко бил неумолив. Ги однел децата во Белгород и ги принудил да се запишат на колеџи. Валерија студирала на Механичкиот и технолошки колеџ во Белгород како моден дизајнер и останала таму од септември до октомври 2023 година. Според мајката на Валерија, украинските деца биле постојано малтретирани и понижувани во руските образовни институции, а степенот на пропаганда се интензивирал.
„Ќе ве научат, ќе ве воспитаат – и ќе станете Руси. Ова е вашата татковина сега. Украина не е држава, тоа е потчовечки, а Украинците се свињи“,
ѝ велеле наставниците на Валерија.
Секој понеделник студентите на колеџот биле принудени да ја пеат руската химна и да го креваат руското знаме. Тие, исто така, биле принудени да посетуваат неделни лекции наречени „разговори за важното“, за време на кои на студентите им била наметнувана руската култура.
„Руските наставници ја нарекуваа војната специјална воена операција, велеа дека украинските учебници се напишани невистинито. Велеа дека Украина ја започна војната, а Русија не спроведува никакви воени операции на територијата на Украина. Ни кажуваа дека Русија само ’спасува‘ (ова е нивната омилена идеја), таа едноставно ги штити своите територии, тие не допираат цивили, напаѓаат само воени објекти“,
изјави Валерија.
На девојчето не ѝ се допаднала образовната институција. На колеџот сите учебници биле на руски и додека студирала мода, лекциите по руски јазик, руска литература, руска историја, ОБЖ (заштита и безбедност на животот) и Големата татковинска војна (руското име за Втората светска војна) биле задолжителни. За време на часовите по ОБЖ, ја учеле да расклопува и склопува автоматско оружје. Валерија Халич имала проблеми на колеџот поради нејзините проукраински убедувања. Отворено им велела: „Не ми треба оваа химна, нема да ја пеам и не сум должна да стојам под ова знаме“.
Валерија вели дека студентите биле испраќани на пракса во фабрики шиејќи облека за руската војска и правејќи камуфлажни мрежи. Добивале училишни награди за она што во суштина било бесплатна работа за руската војска. Украина е исто така потписничка на Четвртата женевска конвенција, што значи дека нејзините граѓани, кои „во даден момент и на кој било начин, во случај на конфликт или окупација, ќе се најдат во рацете на страна во конфликтот или окупаторска сила на која не се државјани“, се сметаат за заштитени лица. Членот 51 предвидува дека заштитените лица не смеат да бидат принудени да служат во „вооружени или помошни сили“, додека „не е дозволен никаков притисок или пропаганда чија цел е обезбедување доброволно пријавување“. Заштитените лица, исто така, не смеат да бидат принудени да работат освен ако немаат наполнето 18 години – што Валерија не го имала.
Кога Наталија открила дека нејзините деца се во Русија, се обидела да ги врати, што се покажало тешко поради драконската природа на нивните интернати, каде што им било забрането да комуницираат на украински. При првиот обид, Наталија нашла некој да ја однесе нејзината ќерка до границата, но не ја пуштиле да помине без придружба на возрасен. Тогаш имала 17 години. По уште еден неуспешен обид да ја врати преку Белорусија, поради што Наталија речиси целосно се скршила, таа конечно стигнала до Варшава и се вратила во Киев на 16 октомври 2023 година.
Иако конечно го завршила своето 11. одделение од далечина, решила да не се запишува на универзитет и да направи пауза по долгиот период на стрес. Пред руската целосна инвазија планирала да студира во странство, но нејзините искуства ѝ помогнале да сфати колку ѝ е важно да студира во Украина.
„Исто така, решив да зборувам украински. На почетокот беше многу тешко да се префрлам бидејќи цел живот комуницирав на руски. Но, сега мислам дека јазикот е многу важен, и за нашиот генетски код и за нашата националност“,
вели Валерија.
„Не сакам да бидам Русин“
Еден младинец, Кирило Кузменко (неговото презиме и име се сменети од безбедносни причини), на сличен начин поминал низ разделување на неговото семејство од страна на Русија и обиди за индоктринација додека се бришело неговото национално наследство. Со дванаесет години на почетокот на инвазијата, Кирило живеел со своите баба и дедо во село во Луганската Област бидејќи неговата мајка Лариса (исто така псевдоним) служела во војска во блискиот град. Исто како Наталија и Валерија, мајката и синот биле разделени по целосната инвазија и Лариса не можела да влезе на окупираните територии.
„Знаете, тоа беа солзи и очај. Сите таму знаеја дека сум жена која работи во војската. И кога териториите беа окупирани, беше јасно дека на детето може да му се случи сè. А немаше начин да го земам зашто патот беше затворен бидејќи целото семејство сме воени лица“,
вели таа.
Во септември 2022 година на Кирило му било дозволено да посетува лице на окупираната територија со украински документи. Сепак, следната година училишната администрација почнала да бара извод од матична книга на родените издаден од ЛНР, заканувајќи му се со дом за сираци бидејќи не живеел со официјални старатели. Директорката му рекла: „Ако лошо се однесуваш на час, ќе одиш во дом за сираци“, вели Лариса. Штом училиштето дознало дека таа е во војска, наставниците почнале, како форма на казна, да му ги намалуваат оценките на Кирило – дури и ако неговите одговори биле идентични со оние на неговите соученици.
Како и во случајот со Валерија и Михајло, наставата се одвивала на руски, украинскиот јазик и учебници брзо биле искоренети, а децата биле принудени да ја пеат химната на ЛНР. Многу деца активно биле вклучени во движењето „Јунармија“.
„Деца на возраст од 12 до 13 години носат воени униформи: имаат униформи, беретки, сè“,
вели Лариса.
Од Кирило, исто така, било побарано да се приклучи на ова движење, но нејзиниот син веднаш рекол „не“.
„Тој е патриот на Украина. Често го молев на телефон: ’сине, не кажувај ништо антируско додека не те земам‘. Тој толку многу ја сака Украина. Претходно му донесов сино-жолто срце со извезена шара, па тој го пренесе преку сите граници бидејќи тоа срце му го дала неговата мајка“,
вели таа.
Окупаторските власти сакале да го одземат Кирило од неговите баба и дедо, при што неговата баба била постојано повикувана во нивните „социјални служби“.
Русија има долга историја на одвојување украински деца од нивните семејства. Неодамнешниот извештај на Лабораторијата за хуманитарни истражувања на Универзитетот Јеил забележа дека руската програма на „присилна депортација, трансфер, принудно посвојување и згрижување на украинските деца“ дава „значителна основа“ за прекршување на Женевските конвенции од 1949 година, Римскиот статут (воени злосторства и злосторства против човештвото) и Конвенцијата на ОН за правата на детето.
Првиот обид на Лариса да го врати бил во есента 2023 година, но бил неуспешен. Но, детето некако стигнало до Полска откако поминало низ Русија и Белорусија, враќајќи се во Украина во декември 2023 година.
„На почетокот имаше многу страв во неговите очи по она што го доживеа таму. Живееше во исчекување дека може да дојдат и да го вратат назад во окупација. Кога дојде тука, тој си дојде дома. Мојот син рече: ’Не сакам да бидам Русин‘“,
вели Лариса.
Како и Валерија, тој направил свесен напор да се префрли на украински откако поминал дел од своето образование принуден да користи руски јазик. Сепак, тој нема воени аспирации – неговата мајка претпоставува дека тоа е поради неговото трауматично искуство од војната. Кирило сега живее во Западна Украина и штотуку почна со деветто одделение.
Принудени на криење
Децата што завршуваат на привремено окупираните територии често добиваат малку информации од родителите кои очајнички се обидуваат да стигнат до нив, па дури и за самиот факт дека нивните најблиски се обидуваат да ги контактираат – што дополнително ги фрла во очај.
„Окупаторските власти прават сè што можат за да го ограничат секој контакт со територијата контролирана од Украина. И кога децата ќе се вратат, тие се многу изненадени што биле барани и чекани бидејќи ја немале таа информација“,
изјави за „The Reckoning Project“, Наталија Мезина, психолог во НВО „Украинска мрежа за правата на детето“.
Кога конечно ќе успеат да се вратат, многумина се совладани од емоции. „За децата со патриотски ставови, средбата со украинското знаме е многу чувствителен момент. Пред сè, тие сонуваат да го продолжат своето образование и да ја обноват Украина“, вели таа.
Некои деца се исто така принудени да се кријат многу подолго отколку Кирило.
„За децата со проукраински убедувања, окупацијата е непријателска, насилна средина. Знам многу случаи кога тинејџери се криеја во окупација по две или три години и не одеа на училиште… се обидуваа да заминат по секоја цена за да не се приклучат во редовите на руската окупаторска војска“,
оценува Мезина.
„Животот под окупација е интензивно трауматично искуство за луѓето со проукраински убедувања, при што децата во тие околности се чувствуваат постојано под закана. По враќањето следува долг процес на реинтеграција за да се надоместат не само образовните потреби, туку и изгубените можности за развој“,
вели Наталија Мезина.
Пишува: Наталија Сиробаб (со придонес на Алид Најлор и Александер Паликот)
Илустрација: Анастасија Фаизова
Проектот „The Reckoning Project“ е глобален тим од новинари и правници што документира, објавува и изготвува случаи за воени злосторства. Мисијата на организацијата е да го премости јазот меѓу судскиот систем и новинарството, преку обука на истражувачи и новинари за собирање докази погодни за правна употреба. Во изминатите три години, „The Reckoning Project“ има собрано повеќе од 700 потврдени сведоштва, придонел кон поднесоци пред Меѓународниот кривичен суд и доставил докази до повеќе тела на Обединетите нации.
