Муцунски додава дека САД ќе ја задржат реципрочната тарифа од 15 проценти за производите со потекло од нашата држава, но она што според него е суштината на овој успех е тоа што ќе се идентификуваат производи што ќе добијат до нула проценти реципрочна тарифа

Важен и значаен исчекор во економската соработка со Соединетите Американски Држави. Вака министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски го оценува постигнатиот рамковен Договор меѓу САД и Северна Македонија за реципрочна, фер и избалансирана трговија.
Муцунски смета дека овој договор ќе има големо значење за македонската економија од кој конкретен бенефит ќе имаат македонските компании.
„Усогласивме заедничка изјава и рамка за Договор за реципрочна, фер и балансирана трговија, со што ја зајакнуваме билатералната економска соработка и отвораме поголем пристап до американскиот пазар за македонските компании“,
вели Муцунски во видеообраќање објавено на неговиот фејсбук-профил.
Муцунски додава дека САД ќе ја задржат реципрочната тарифа од 15 проценти за производите со потекло од нашата држава, но она што според него е суштината на овој успех е тоа што ќе се идентификуваат производи што ќе добијат до нула проценти реципрочна тарифа.
„За дел од клучните индустрии и производи тарифите ќе се намалат до нула. Станува збор за конкретен и мерлив успех за македонската економија. Оваа заедничка изјава им овозможува на нашите компании конкурентска предност, јасна регулаторна рамка, поголема предвидливост и посилна позиција на еден од најголемите пазари во светот“,
додава Муцунски.
Според него, следниот чекор е финализирање на договорот и спроведување на домашните процедури за негово стапување во сила.
„Нашата цел е јасна – повеќе извоз, повеќе инвестиции и повеќе добро платени работни места дома“,
вели министерот.
Тој упатува благодарност до целиот тим од повеќе институции што работеле на овој процес, како и до тимот на македонската амбасада во Вашингтон.
Договорот со САД вчера го најави премиерот Христијан Мицкоски, посочувајќи оти 63 или 64 производи, што за земјава се стратешки, во САД ќе бидат извезувани со едноцифрена тарифа од нула до 6,5 проценти.
Тој кажа дека во изминатите месеци се воделе многу активни и жестоки преговори и оти ваквите поволни стапки се резултат на тоа.
За постигнатиот рамковен договор синоќа информираа од Белата куќа од каде што велат дека со ова им се обезбедува на извозниците на двете земји проширен пристап до пазарите на другите.
Во соопштението од Белата куќа се наведува дека Соединетите Американски Држави и Северна Македонија ќе работат на финализирање на Договорот, негова подготовка за потпишување и преземање на домашни формалности пред неговото стапување во сила.
