Кашиковски смета дека добро е решението што беше во претходниот закон, со кој во угостителските објекти беше обезбеден дел за пушачите. Но, додава дека треба да биде посилна контролата и на тој начин ќе се задоволат на еден начин и двете страни
Претседателот на Синдикатот на работниците од угостителството, туризмот, комунално-станбеното стопанство, занаетчиството и заштитните друштва на РС Македонија (СУТКОЗ), Стојанче Кашиковски, вели дека тие го поддржуваат новиот закон за заштита од пушење, но, како што рече, треба да се најдат начини и мерки да не предизвика намалување на бројот на работници во овој сектор.

Тој вели дека како синдикат имаат забелешки и ќе ги достават до надлежните, а очекува и угостителите, Комората на угостителите, односно на работодавачите, да ги даде своите забелешки.
Забелешките на СУТКОЗ, како што вели Кашиковски, се во насока на тоа да не се загубат работни места.
„Ние го поддржуваме носењето на законот, меѓутоа треба да се најдат начини и мерки да не придонесе за намалување на бројот на работници во овој сектор. Знаеме дека овие два сектора се дефицитарни со кадар. Покрај ниските плати, некои од работниците ни заминуваат во странство. Сметаме дека и ова ќе биде еден вид мал удар за намалување на бројот на работници во овие два сектора – во угостителството и во туризмот“,
рече Кашиковски пред свечената академија по повод 35 години од формирањето на СУТКОЗ.
Тој смета дека е добро решението што беше во претходниот закон, со кој во угостителските објекти беше обезбеден дел за пушачите. Но, додава дека треба да биде посилна контролата и на тој начин ќе се задоволат на еден начин и двете страни.
„Знаеме дека и досегашниот закон предвидуваше одредени простори за пушачите или таканаречени тараси, предвидуваше таков дел во кој пушачите ќе бидат во можност да може да уживаат во тоа свое задоволство. Сметаме дека со стриктна примена, со посилни контроли, ќе се придонесе на тој начин“,
додаде тој.
Кашиковски нагласи дека како синдикат даваат поддршка и во однос на поголема ригорозност на новиот закон за угостителство, кој се изработува од Министерството за економија и труд.
„Апсолутно како синдикат даваме поддршка во однос на поригорозност на законот. Зошто? Бидејќи ние како синдикат, меѓу другото, го застапуваме и делот за безбедност и здравје при работа на работниците и сметаме дека со овие построги законски решенија би се избегнале можности и за повреди на посетителите во одредени објекти, заштитата на работниците во овие два сектора би била поголема. Покрај унапредувањето на работничките права, ние како синдикат се залагаме за почитување на сите оние мерки за безбедност и здравје при работа не само за работниците туку и за посетителите на одредени објекти“,
кажа Кашиковски.
Инаку, со нацрт-законот за заштита од пушење се предвидува драстично заострување на државната политика кон пушењето цигари и тутунските производи.
Освен целосна забрана за пушење во јавни и работни простории, предлог-законот изработен од Министерството за здравство предвидува и забрана за рекламирање, промоција и спонзорирање од страна на тутунската индустрија, регулирање на продажбата, прикажувањето и изложувањето на тутунски и никотински производи.
