Според Бубевски, адвокатката Кадриу се обидува да го загрози неговиот професионален интегритет и да влијае врз неговото извршување на јавнобвинителската функција, а мотивите за последниот и други нејзини слични настапи, вели, му се јасни, но нема намера во ниту еден да им подлегне на тие лаги и манипулации
„Ќе ги искористам сите законски механизми за заштита, како што веќе направив и поднесов тужба и за лагите изнесени од уште еден адвокат – поранешен обвинител кој јавно настапува со истите намери и мотиви“, вели јавниот обвинител во јавно обраќање до јавноста
Јавниот обвинител и доскорешен шеф на Основното јавно обвинителство Скопје, Гаврил Бубевски, денеска преку писмено јавно обраќање најостро ги демантира, како што вели, клеветите и измислените наводи што адвокатката Лејла Кадриу ги изнесе во емисијата „Вечерно шоу на Богдан Илиевски“ на ТВ Алфа, а кои се однесуваат на неговото постапување и работење додека беше дел од тимот на згаснатото Специјално јавно обвинителство (СЈО).

Имено, во гостувањето во емисијата, емитувано во саботата (7 феврури 2026 г.), Кадриу излезе со тврдења дека во згаснатото СЈО материјали се примале без записник и оти претставници на тогашното раководство на СДСМ често биле присутни во нивните простории. Таа говореше и за дел од обвинителите, притоа посочувајќи ги Ленче Ристоска, Гаврил Бубевски, Фатиме Фетаи и Лиле Стефанова, како главни соработници на Јанева, чиј збор секогаш се слушал. Поранешната обвинителка, а сега адвокатка говори и за буџетот што го имало СЈО, од кој дел бил наменет за исплати на средства на деца на политичари. Таа наведе и дека Бубевски поседувал четири телефони кои ги носел на состаноците во СЈО, што на други им било забрането, а кажа и дека еден милион евра од буџетот од одобрените средства за работата на тогашното обвинителство, биле потрошени иако во тој период немало никакви активности.
Бубевски ваквите наводи во реакцијата вели дека станува збор за невистини, крерирани со цел да се наштети на неговиот личен и професионален углед. Поради тоа, како што посочува, веднаш по емисијата иницирал постапка со која бара извинување од Кадриу за, како што наведува, изнесените лаги.
„Доколку не добијам извинување во законски предвидениот рок, ќе поднесам граѓанска тужба за клевета и во суд ќе се докаже дека сè што беше кажано во наведената емисија е апсолутна невистина“,
вели јавниот обвинител на ОЈО Скопје.
Тој додава дека иако сметал дека изнесените клевети не заслужуваат да им се дава јавно внимание, сепак заклучил дека нашето општество веројатно не е доволно отпорно на лаги.
Во продолжението од писменото обраќање, Бубевски се осврнува на неговото работење во СЈО. Вистината, вели, е дека никогаш во својот живот немал четири мобилни телефони и дека како јавен обвинител во СЈО имал еден телефонски број што го користел цело време, а по враќањето во ОЈО Скопје, исто така користи само еден телефон.
„Мојот единствен, во моментов приватен телефонски број го знаат сите новинари и многу граѓани, бидејќи вистински верувам во начелото на транспарентност и на тој телефон секогаш сум бил и останувам отворен и достапен за сите прашања“,
наведува Бубевски.
Тој ги отфрла сите наводи за какво било влијание и вели оти стои зад секоја одлука што ја донел.
Во голем дел од ситуациите што биле претставени во интервјуто, меѓу кои и предавањето на прислушуваните материјали, тој тврди дека самиот лично не бил присутен, за што, додава, има и соодветни докази.
Записник за тие материјали, посочува Бубевски, постои и тој е дел од доказите во предметот „Таргет-Тврдина“.
Во однос на адвокатката Кадриу, обвинителот наведува дека на јавнообвинителската организација ѝ се многу добро познати причините за нејзиното оддалечување најпрвин од позицијата во СЈО, а потоа и од редовното обвинителство, за што, вели, се водени и соодветни постапки за одговорност.
Според Бубевски, адвокатката Кадриу се обидува да го загрози неговиот професионален интегритет и да влијае врз неговото извршување на јавнообивнителската функција, а мотивите за последниот и други нејзини слични настапи, вели, му се јасни, но нема намера во ниту еден да им подлегне на тие лаги и манипулации.
„Ќе ги искористам сите законски механизми за заштита, како што веќе направив и поднесов тужба и за лагите изнесени од уште еден адвокат – поранешен обвинител кој јавно настапува со истите намери и мотиви“,
наведува Бубевски.
Тој очекува во судска постапка да се докаже вистината наспроти лагите со кои, како што вели, „храбрите“ поединци ја манипулираат јавноста подолг временски период, а со тоа да се утврди и нивната кредибилност како извори на информации вo медиумите по однос на вистинските состојби во правосудството.

За потсетување, Гаврил Бубевски до неодамна беше шеф на Основното јавно обвинителство Скопје. Тој се кандидира за нов мандат, но мнозинството во Советот на јавните обвинители за функцијата го избра неговиот колега Анел Фидоски.
Лејла Кадриу, како тогашен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Тетово, на почетокот беше избрана во тимот на Катица Јанева кога СЈО се оформуваше кон крајот на 2015 година, но по кратко време беше отстранета од него.
Инаку, на тврдењата на адвокатката изминатите денови се надоврза владејачката ВМРО-ДПМНЕ. Цитирајќи и парафразирајќи наводи од нејзиното телевизиско гостување, оттаму велат додека СЈО било активно, повеќе наликувало на штаб на СДСМ отколку на јавно обвинителство.
Истиот наратив преовладува и во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ објавено утрово во кое се вели дека поранешниот министер за внатрешни работи во владата на СДСМ, сега актуелен пратеник во Собранието, вршел притисок врз обвинителите во СЈО кои луѓе да се гонат, како и дека тогашната шефица на ова обвинителство, работела по наредба на екслидерот на СДСМ и поранешен премиер Зоран Заев.
„СДС, Заев и Спасовски, преку Катица Јанева, контролирале кои предмети СЈО ќе ги обработува, кој обвинител ќе ги води и кои лица ќе бидат опфатени. Обвинители како Ленче Ристоска, Гаврил Бубевски, Фатиме Фетаи и Лиле Стефановска ги обработувале овие предмети, додека Јанева имала улога на координатор, бидејќи немала експертиза во материјата“,
се вели во соопштението од ВМРО-ДПМНЕ.
