„Неколку дена пред смртта, пациентката примила хемотерапија. Врз основа на тоа можеме да заклучиме дека таа хемотерапија ѝ го скратила животот на пациентката. Во таа фаза е дозволена само симптоматска терапија, хоспитализација за нега и палијативна помош, а не активна онколошка терапија“, рече вештото лице од Медицинскиот факултет во Словенија
Вештото лице Маја Равник од Медицинскиот факултет во Марибор, Словенија, денеска сведочеше во случајот „Онкологија“ во Основниот кривичен суд Скопје презентирајќи дел од заклучоците од вештачењето што е изработено врз основа на анализа на 51 медицинска документација од лекување пациенти на Клиниката за онкологија.
Укажа на низа пропусти во лекувањата, во насока дека се правеле чести промени на терапијата без медицинско објаснување, се давале лекови што меѓусебно го поништуваат дејството и се аплицирала хемотерапија во терминална фаза, која наместо да помогне го скратувала животот на пациентите.

Според неа, и покрај драстично влошување на крвната слика и длабока тромбоцитопенија кај пациентите, третманот продолжувал со несоодветни цитостатици.
Како особено проблематично, таа го посочи давањето одредени цитостатици, меѓу кои и „оксалиплатин“, како монотерапија, за што додаде дека е медицински неоправдано.
„Сакам да нагласам дека ‘оксалиплатин‘ во монотерапија нема ефект и секогаш мора да се комбинира со други цитостатици. Значи, пациентката добила лек кој не е индициран на тој начин и хемотерапија која нема ефект. Тоа е терапија дадена проформа, без вистинска медицинска оправданост“,
рече таа.
Иако дијагностичките методи, како ПЕТ-скен, потврдувале прогресија на болеста и појава на метастази, според вештачењето, терапијата кај пациентите често се менувала без јасно и писмено образложение.
Посочени се и примери каде што се давале лекови за еден тип карцином кај пациенти со сосема поинаква дијагноза, за кои тие лекови немаат примена.
Според Равник, во одредени случаи упорното давање хемотерапија во крајна фаза на болеста имало фатален исход.
„Таквото примање хемотерапија е нешто што директно води кон смрт кај овој пациент. Станува збор за значително влошување на тешката здравствена состојба и прогресија на болеста. Неколку дена пред смртта, пациентката примила хемотерапија. Врз основа на тоа, можеме да заклучиме дека таа хемотерапија ѝ го скратила животот на пациентката. Во таа фаза е дозволена само симптоматска терапија, хоспитализација за нега и палијативна помош, а не активна онколошка терапија“,
кажа таа.
Коментирајќи го вештачењето, рече дека истовремената примена на спротивставени терапии кај пациенти кои, покрај онколошка терапија, биле третирани и со кортикостероиди, најчесто поради ковид-компликации.
„Проблемот е што имунотерапијата дејствува преку стимулација на имунолошкиот систем за борба против ракот. Пациентката истовремено примила лек за стимулација и лек за инхибиција, односно намалување на имунитетот (кортикостероиди). Поради спротивставувачкото дејство на лековите, односно поради истовремено давање на овие две групи, се очекува намален ефект на имунотерапијата“,
вели Равник.
Кај пациентите кај кои настапиле тешки компликации, како компресија на ‘рбетниот мозок и појава на параплегија, според неа, не била направена неопходна промена на основната терапија ниту бил даден соодветен третман за новонастанатата состојба.
„Тука гледаме дека на пациентката ѝ било одземено соодветно лекување за оваа состојба. Параплегијата можела да се спречи или да се третира, но тоа не било направено“,
вели таа.
Зборувајќи за пациентите со карцином на дојка, наведе примери каде што била пропишувана терапија која не е индицирана за конкретниот тип тумор, како и случаи за примена на нефротоксични лекови и покрај јасни лабораториски показатели за бубрежна инсуфициенција.
За одбраната сведочењето на вештакот се темели на европски стандарди што не се дел од македонскиот здравствен систем
За одбраната ваквиот наод се темели на европски стандарди кои, како што посочија, не се дел од македонскиот здравствен систем.

Адвокатот Владимир Туфегџиќ, бранител на онкологот Симонида Црвенкова, оцени дека стручниот наод не може да има доказна сила во оваа постапка бидејќи излагањето се темели на нецелосност во документацијата.
„Основно и проблематично е што стручниот наод и мислење се засноваат на прашањата на јавните обвинители во однос на европските научно-стручни процедури и стандарди. Сметам дека еден правен и правилен македонски лекар не може да одговара за европските процедури кои не се дел од правниот поредок на Република Македонија и не се дел од здравствениот систем на Република Македонија“,
кажа Туфегџиќ.
Се повика на допис од Фондот за здравствено осигурување (ФЗО) од 21 јануари 2026 година, во кој според него се констатира дека во земјава се користат странски водичи кои не се официјално одобрени, а националните протоколи се застарени.
Предметот „Онкологија“ се наоѓа во доказна постапка и го води судијката Снежана Марковска, а застапник на обвинението е јавната обвинителка Ана Гоговска-Јакимовска. За сослушување на вештите лица од Словенија се закажани повеќе рочишта во текот на оваа недела. Во согласност со најавената динамика, кон крајот на март ќе треба да се почне со сослушување вешти лица од Србија, кои исто така работеле медицински вештачења за Обвинителството.
Поранешниот директор на Клиниката за онкологија Нино Васев и уште двајца онколози – Симонида Црвенкова и Драган Јакимовски, вработени на Клиниката за радиотерапија и онкологија-Скопје, се обвинети за несовесно лекување пациенти. Постапката почна против уште еден онколог, второобвинетата Мери Пешевска, која призна вина пред судот и беше осудена на условна казна од две години.
Обвинението ги товари лекарите за продолжени тешки дела против здравјето на луѓето и несовесно лекување, при што кај 29 пациенти биле применети неподобни терапии, со отстапувања во дозирањето и без соодветна процена на здравствената состојба. Покрај ова, против Васев и поранешниот економски директор на Клиниката, Нехад Нухи, се води судски процес, во јавноста познат како „Онкологија 2“, во кој тие се товарат дека во периодот од 2018 до 2022 година незаконски набавувале лекови, ги прикривале преку фиктивни тендери и присвојувале дел од терапијата, со што го оштетиле државниот буџет за речиси 36 милиони евра.
