За утрешниот протест на Сојузот на синдикати на Македонија денеска било разговарано на редовната координација што претседателот на Собранието ја има со координаторите на пратеничките групи. Договорено е, вели собранискиот спикер, парламентот да работи непречено додека трае протестот на ССМ, чиј почеток е закажан за 9 часот изутрина
Пратениците да најдат начин да дојдат на седница, без да се попречи правото на протест на граѓаните – порача собранискиот спикер Африм Гаши во пресрет на утрешниот протест на Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ) со кој ќе се блокираат улиците пред зградата на Собранието.

За утрешниот протест на ССМ денеска било разговарано на редовната координација што претседателот на Собранието ја има со координаторите на пратеничките групи. Договорено е, вели Гаши, Собранието да работи непречено додека трае протестот на ССМ чиј почеток е закажан за 9 часот изутрина.
„Не верувам дека некој со кола би дошол, дали ќе дојдат пеш или ќе дојдат порано, не знам како ќе биде. Но, се договориме дека ние треба да продолжиме да работиме, а исто така ќе го почитуваме правото на протест на граѓаните. Нема да има специјално обезбедување на Собранието. Шефот на мојот кабинет се сретна со началниците во МВР, тие си имаат редовни безбедносни протоколи. МВР ги презема сите свои мерки. Се надевам дека се ќе биде мирно и ќе тече како што треба. Така, тие ќе си протестираат, ние ќе си работиме“,
рече Гаши на денешниот брифинг со новинарите.
Тој очекува утре да бидат блокирани само влезовите за возила во Собранието, како што претходно најави ССМ.
Работниците предводени од ССМ утре во 9 часот ќе одржат протест со блокади на улиците „11 Октомври“ и „Даме Груев“ пред зградата на Собранието. Блокадата, како што рече претседателот на ССМ, Слободан Трендафилов, е дел од притисокот за зголемување на минималецот и линеарен раст на останатите примања. Тој додава дека причината за блокадата пред Собранието е и што пратениците цела година молчат за предлогот на ССМ за зголемување на минималната плата и за зголемување на сите останати плати.
