Бирото за јавна безбедност веќе води постапка во однос на разликата помеѓу сметководствената и фактичката состојба за прехранбени производи во главниот магацин, во висина од околу 4 милиони денари, рече Томовски
Делумно точни се податоците објавени во ревизорскиот извештај кој се однесува на работењето на Службата за општи и заеднички работи на Владата за 2024 година, вели директорот Ивица Томовски. На брифинг со новинарите, каде што присуствуваа и дел од вработените во службата, етапно беше појаснувана секоја од забелешките во извештајот.
Па така, во делот проценките на средствата за земјиштето со кое располага СОЗР, а за кое ревизорите нотирале слабости, Томовски порача дека е почната постапка за легализација на дел од имотот со кој располага државата. Како примери ги посочи претседателската и премиерската вила.
„Легализацијата за вилите Водно 1 и 2 (претседателската и премиерската) веќе имаат имотен лист со трајно користење на Службата за општи и заеднички работи, додека на минатата седница на Влада помина и легализацијата на охридските вили, тоа се исто премиерска и претседателска и уште две вили коишто се во Свети Стефан“,
рече Томовски.

Томовски дополни и дека не постои регистар на сите јавни објекти кои ги поседува државата, но отпочната е постапка. Според него, веќе е формирана работна група за да се утврди целиот имот, но за дел од објектите има потешкотии. Како што објаснија од службите, станува збор за земјиште и објекти на повеќе локации кои се останати по заминувањето на ЈНА, како и дека неколку пати досега Службата се обраќала до Катастарот, од каде што се добивани информации дека немаат точни податоци.
Во однос на вработувањата за кои имаше забелешки во ревизорскиот извештај, Томовски вели дека станува збор за период кога тој ја преземал функцијата, па според неговото објаснување, било неопходно да се ангажираат повеќе лица преку Агенцијата за привремени вработувања.
„Преку Агенција за привремени вработувања сега има два-тројца вработени. Тоа во моментот беше ситуација која беше неопходна за да можам јас да функционирам, ви кажав, кога ја преземав институцијата немав личност со која можев да направам примопредавање, раководителот на сектор угостителство си зема одмор и си напушти работа, раководителот на финансии зема одмор, напушти работа, му заврши договорот. Така што, бев принуден да имам околу дваесетина вработени преку Агенција за привремени вработувања, кои денеска најголем дел од нив се преминати на определено работно време и очекувам кога ќе ја добиеме согласноста од Министерството за финансии, овие лица ќе бидат на неопределено“,
додаде директорот на СОЗР.
За наодите во ревизорскиот извештај поврзани со состојбите во угостителските објекти – рестораните и бифеата на СОЗР, Томовски рече дека се надминати недостатоците во однос на водењето дневни финансиски извештаи со регистрирани податоци за вкупниот промет и ДДВ. Во рок од две недели биле обезбедени фискални каси и прометот, како што рече, веќе се внесува на дневна основа.
„Може да се види зголемување на дневниот промет за 310 проценти“,
кажа Томовски.
Но во однос на разликата помеѓу сметководствената и фактичката состојба за прехранбени производи во главниот магацин, во висина од околу 4 милиони денари, Томовски не сакаше да коментира со образложение дека веќе се води постапка за овој случај.
„Има некакви разлики, точно е тоа, но не би сакал да навлегувам во одговорот на ова прашање, бидејќи има постапка што ја води Бирото за јавна безбедност при МВР. Да оставиме институциите да го решат овој случај па после тоа ќе дадеме можеби заедничка изјава“,
рече Томовски.
Томовски на средбата со новинарите зборуваше и за потребата од набавка на нов државен авион, со можност тој да се користи и за медицински потреби, во случај итно да треба да се пренесе некој граѓанин на кого му е потребна помош. Според директорот на СОЗР, државата треба да набави и ново блиндирано возило.
Во Извештајот на Државниот завод за ревизија се забележани поголем број недостатоци во работењето на Службата за општи и заеднички работи (СОЗР) на Владата. Наодите се однесуваат на извршена финансиска ревизија заедно со ревизија на усогласеноста за 2024 година, кои државниот ревизор ги објави во четири извештаи.
