Повикувајќи се на неофицијални информации објавени во српските медиуми, од СДСМ денеска наведоа дека во врска со случајот обвинителствата во Србија и во Македонија добиле клучни податоци од Американската агенција за борба против дрога – ДЕА (DEA). Според социјалдемократите, меѓународната соработка наводно е причината поради која Владата молчи на прашањето како пет тони марихуана излегле од земјава и влегле во Србија
Од владејачката партија, пак, продолжуваат со обвинувањата поради кои вчера преку објава на социјалните мрежи реагираше и поранешниот лидер на СДСМ и експремиер на државата, Зоран Заев, кој се закани со тужба кон пратеникот Бране Петрушевски и партијата ВМРО-ДПМНЕ
Паралелно со постапувањето на надлежните институции во врска со акцијата во која се запленети големи количества марихуана од фирми во земјава, продолжуваат и препукувањата меѓу владејачката ВМРО-ДПМНЕ и опозициската СДСМ за одделни аспекти на случајот, како и за тоа кај кого лежи одговорноста за случајот, кој засега, најверојатно сè уште е во фаза на предистрага.

Акцијата започна по заплената на пет тони марихуана во соседна Србија за кои тамошните медиуми соопштија дека е со потекло од Македонија.
Од Социјалдемократскиот сојуз фокусот го ставаат на овој момент и прашуваат како е можно од државата да биде изнесено толкава количина марихуана, без тоа да биде забележано од надлежните институцiи. Со ваквите наводи, опозициската партија цели на врвот на власта, без чие знаење, според „Бихаќка“, петте тони марихуана не можеле да завршат во Србија.
Повикувајќи се на неофицијални информации објавени во српските медиуми, од СДСМ денеска наведоа дека во врска со случајот обвинителствата во Србија и во Македонија добиле клучни податоци од Американската агенција за борба против дрога – ДЕА (DEA).
„Поради оваа меѓународна соработка, премиерот (Христијан) Мицкоски веќе една недела нема одговор на клучното прашање: Како 5 тони марихуана успеале да ја преминат границата, да излезат од Македонија и да влезат во Србија?“,
рече генералниот секретар на СДСМ, Александар Саша Димитријевиќ на денешната прес-конференција.
Според него, овој молк не е случаен, туку, како што наведе, индикатор дека во тврдењата има вистина.
„Бидејќи фактите укажуваат дека без поддршка на структури во власта, Министерството за внатрешни работи (МВР), Царината и други институции, ваква огромна шверцерска операција би била невозможна. Затоа е паниката во власта. Наместо да се соочат со фактите, тие водат медиумска кампања за дефокусирање на јавноста од енормните количини запленета дрога“,
рече Димитријевиќ.
Во таа насока, тој порача дека СДСМ бара итна, независна и транспарентна истрага која ќе даде одговор на, според опозициската партија, клучните прашања: кој сè е вмешан и кој дозволил шест тони дрога да поминат преку граница.
Од владејачката партија, пак, продолжуваат со обвинувањата поради кои вчера преку објава на социјалните мрежи реагираше и поранешниот лидер на СДСМ и експремиер на државата, Зоран Заев.
Експремиерот се закани со тужба против пратеникот Бране Петрушевски и ВМРО-ДПМНЕ во врска со нивните тврдења дека тој е вмешан во случајот со заплената на околу 40 тони марихуана во земјава.
Петрушевски и денеска одржа прес-конференција, на која ги повтори наводите дека во случајот со марихуната се „вплеткани Зоран Заев и неговиот другар, Венко Филипче“.
Според Петрушевски вклученоста Заев самиот ја потврдил со тоа што наместо да се извни на граѓаните, реагирал во јавноста, бранејќи се.
„На Заев веќе никој не му верува, ама со жалопојќите на Фејсбук, тој самиот покажа дека е погоден и фатен жив на дело. Нешто што е јасно во јавноста е несомнениот факт дека неговата влада се прослави со актуелизирање на бизнисот со марихуана, продаден како грижа за здравјето на граѓаните или канабис за медицински цели. Како и да е, факт е и дека околу 70 проценти од запленетата дрога деновиве е на фирма во сопственост на луѓе на Заев. Станува збор за фирма на лице кое било претседател на општинскиот одбор на СДС во Ново село. Тоа е Тони Котев познат како М’гчев кој пак бизнисите ги тера со Вице Заев“,
рече пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ.
Според Петрушевски, поранешната влада на СДСМ предводена од Заев, а во која министер за здравство беше актуелниот лидер на партијата Венко Филипче, како основоположници на бизнисот со марихуана за медицински цели, крерирала правила и доделувала бизниси по своја мерка, или на свои луѓе.
Во тој контекст, пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ порача дека секој што се занимава со одгледување, до производство на готови производи од марихуана ќе биде проверен, додавајќи дека случајот ќе биде комплетен само ако Обвинителството ги истражи сите аспекти, меѓу кои и нивните тврдења за поврзаноста на Заев и Филипче.
Од Обвинителството за организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК) во првото официјално соопштение за акцијата, објавено денеска, се вели дека продолжуваат активностите во соработка со другите институции. Оттаму велат дека се сослушуваат и сведоци, во насока на прибирање релевантни докази и факти за постапката.
За утврдување евентуална поврзаност на случајот и потеклото на запленетата марихуана кај Крушевац, од ОЈО ГОКК велат дека се во комуникација со Обвинителството за организиран криминал на Србија.
Во акцијата на ОЈО ГОКК и МВР на територијата на Македонија досега се запленети над 40 тони дрога на повеќе локации во Скопје и во Струмица.
Од соопштението на ОЈО ГОКК може да се заклучи дека случајот е во фаза на предистрага. Во него не се споменуваат евентуално осомничени или приведени лица.
Во врска со евентуалната поврзаност на случаите, како и сомнежите дека фатените пет тона марихуана во Србија биле изнесени од земјава, премиерот Христијан Мицкоски вчера рече дека нема информации оти запленетата марихуана во Србија била излезена од Македонија, а такви информации, како што рече, нема ниту МВР.
