Кај осомничениот биле пронајдени 15 илјади евра и 50 франци, кои ги стекнал при вршење на кривичните дела
Полицијата приведе 38-годишен жител на Струмица, осомничен за измама, информира МВР. Тој се сомничи дека на 06.02. и 07.02.2025 година во два наврати учествувал во извршување на кривични дела – измами, каде оштетени се 84-годишна и 68-годишна жителка на Струмица, а во еден случај се обидел да измами и 77-годишна жителка на Струмица.
„Откако едно лице им се јавувало на фиксни телефонски броеви на пријавителките и претставувајќи се како медицинско лице успеало да измами две жителки на Струмица да дадат пари, кои наводно биле за операции на нивна ќерка или снаа, О.В. одел на локациите кои телефонски му ги кажувало лицето и ги преземал парите од жртвите“,
велат од МВР.
Од МВР додаваат и дека кај осомничениот се пронајдени 15.150 евра и 50 франци, кои ги стекнал при вршење на кривичните дела.

Тој е задржан во Полициската станица Струмица и во службен разговор го признал начинот на кој ги вршел делата. Запознаен е јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Струмица, а по документирање на случајот против лицето ќе биде поднесена кривична пријава.
Од МВР апелираат граѓаните да бидат исклучително внимателни во комуникација со непознати лица, која се врши по телефонски пат, да не наседнуваат на измами, да ги проверуваат податоците кои им се пласираат во телефонската комуникација, да не даваат пари на непознати лица и сите сомнителни случаи да ги пријават во полиција.
