Над 20 тони дрога беа изнесени од фирмата “ЦБД медплант” во сопственост на Христијан Котев, син на Тони Котев, претседател на ОО Ново Село во времето на Заев. Заев и Венко им дадоа лиценци на овие луѓе, а гледаме како заврши тоа. Заев е таткото на бизнисот со канабис. Оттука нека каже дали неговото семејство и нему блиски луѓе се влезени во тој бизнис, велат од ВМРО-ДПМНЕ
Олицетворението на криминалот, главата на октоподот во корупцијата и лидерот на СДС од сенка – Зоран Заев, се јави во одбрана на својот криминал кој изминативе денови се запленува во форма на дрога од неговата му родна Струмица, велат од ВМРО-ДПМНЕ по најавата за тужба од поранешниот премиер и лидер на СДСМ.
Од партијата го повторија ставот дека случајот со запленетиот канабис е поврзан со фирми и луѓе блиски до Заев.
„Над 20 тони дрога беа изнесени само од фирмата “ЦБД Медплант” во сопственост на Христијан Котев, син на Тони Котев, претседател на ОО Ново Село во времето на Заев. Заев и Венко им дадоа лиценци на овие луѓе, а гледаме како заврши тоа. Заев е таткото на бизнисот со канабис. Оттука нека каже дали неговото семејство и нему блиски луѓе се влезени во тој бизнис? Зошто јавно лаже?“,
се наведува во соопштението од ВМРО-ДПМНЕ.

Од ВМРО-ДПМНЕ велат и дека реакцијата на Заев следува затоа што тој е исплашен од одговорност.
„Дополнително, за тоа дека градел облакодери во Дубаи има сведоштва од негови познаници и соработници кои јавно тоа го кажуваат. Заев треба јавно да каже врз кој основ и како стигнал до златна виза во Дубаи? Заев е исплашен до толку од одговорност што по се изгледа почнува да станува клаустрофобичен? Заев се потврди дека ја води СДС, а Венко е парадерот. Одговорност и правда ќе има“,
додваат од ВМРО-ДПМНЕ.
Поранешниот премиер Зоран Заев реагираше на обвинувањата на владејачката ВМРО-ДПМНЕ во изминатиот период и побара јавно извинување од пратеникот Бране Петрушевски за, како што рече, лагите, клеветите и злоупотребата на неговото име во „режирана драма“ околу конфискацијата на десетици тони медицински канабис поради наводно несоодветно чување и складирање.
„Безобразна лага е дека сум на кој било начин поврзан со случаите со канабис што беа презентирани пред јавноста. Безобразна и дрска лага е дека сум се јавувал во Царинската управа. А без никаков срам, подеднакво одвратни се и останатите нивни лаги за мене, кои ги повторуваат речиси секојдневно откако се повлеков од политиката, а посебно во овие скоро две години колку што се на власт, како онаа дека градам некакви облакодери од 40 ката во Дубаи, дека вршам притисок за купување на болницата на д-р Жан Митрев, дека се мешам во работата на правосудните и други институции, како и уште низа други измислици и конструкции“,
вели Заев.
Заев најави тужби против Петрушевски и ВМРО-ДПМНЕ ако не се извинат во законски определен рок.
