На новинарско прашање дали тоа значи дека веќе нема да се фаќаат врски за хируршки интервенции, Алиу рече дека со овој редослед ќе имаат увид во тоа што се случува со одредена институција, но не е сигурен дека ќе може да се отстрани целосно тој момент „знам некого па да одам пред листата на чекање“
Според Алиу, со новиот модул секој пациент преку својот уникатен број на упат ќе може на јавниот портал да провери кога му е закажана интервенцијата и колкава е листата на чекање во болницата каде што ќе се лекува

Министерот за здравство Азир Алиу денеска го промовираше новиот модул за електронска евиденција на елективни хируршки интервенции. Оваа дигитална алатка, достапна преку веб-страницата на Министерството, за првпат овозможува јавен увид во листите на чекање и става крај на нетранспарентното водење на термините во јавните здравствени установи.
Министерот Алиу вели дека примарната цел на овој систем е воспоставување ред и почитување на правото на пациентот да биде услужен според редоследот на пријавување.
„Со ова првпат како држава воспоставуваме ред и јасен протокол за транспарентна евиденција. Целта е секој пациент да ја добие услугата според принципот прв дојден, прв услужен“,
истакна Алиу.
Тој рече дека евиденцијата на хируршки интервенции се води во системот „Мој термин“ преку издавање упат со тип на болнички упат за операција што се издава од специјалист хирург, со уникатен број на упат и со сите потребни податоци за типот на операција од листата на хируршки интервенции, како и податоци за пациентот.
На денешната презентација на новиот модул Алиу рече дека откриле одредени неправилности, меѓу кои и тоа дека упатите не се издаваат веднаш при утврдување на потребата за операција, туку пред самата интервенција.
Исто така, утврдено било и оти некои од лекарите се уште воделе листи во хартиена форма или користеле несоодветни упати за да ги евидентираат хируршките пациенти.
„Резултатот од анализата за 2025 година покажуваат значителна разлика меѓу бројот на реализирани упати, кој бил 58 648, податок земен од системот ’Мој термин’, и реализирани операции – 93 510, исто така податок добиен од установите, што укажува на непочитување на законската регулатива“,
кажа Алиу.
На прашањето како ќе бидат отстранети од листата оние пациенти што отишле на приватно, Алиу вели дека во моментот кога граѓанинот ќе одлучи да не чека на листата на чекање, туку да оди приватно, тој веќе нема да биде дел од овој систем и системот ќе се ажурира автоматски. На секои 24 часа податоците се ажурираат. Тоа значи дека листата на чекање не е фиксна, туку се ажурира секој ден.
„Со тоа, секој ден ќе знаеме дали се зголемува или намалува. Но, од друга страна, што е многу важно, ќе знаеме кој е пред нас и кој е по нас“,
рече тој.
На новинарско прашање дали тоа значи дека веќе нема да се фаќаат врски за хируршки интервенции, Алиу рече дека со овој редослед ќе имаат увид во тоа што се случува со одредена институција.
„Со ова ќе може да се намали, не сум сигурен дека ќе може да се отстрани целосно тој момент ‘знам некого па да одам пред листата на чекање’. Ние работиме на креативни решенија и понатаму, но ова ни беше многу важно и мора да почнеме од некаде. Бројките, како што видовте, покажуваат огромна разлика помеѓу упатите и здравствените услуги, и се надевам дека по ова таа ќе биде помала“,
рече Алиу.
Според Алиу, со новиот модул, кој е објавен на веб-страницата operacii.zdravstvo.gov.mk, секој пациент, со пребарување по установа и доктор или преку својот уникатен број на упат ќе може на јавниот портал да провери кога му е закажана интервенцијата и колкава е листата на чекање во болницата каде што ќе се лекува.
Министерот информира дека до сите болници веќе се испратени поединечни известувања со податоци од направените анализи, а им било посочено и дали и колку се разликува бројот на извршени интервенции со бројот на реализирани упати за операција во системот „Мој термин“.
